Ни трага, ни глас од 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која исчезна на 27 ноември. Трет ден се трага по девојчето кое тргнало накај училиште, но за жал дента не стигнало таму. Последниот сигнал од нејзиниот телефон е лоциран на булеварот „Партизански одреди”.

КУРИР утрово го контактираше Министерството за внатрешни работи за нови детали во врска со исчезнатата Вања, од каде добиле одговор дека интензивно и непрекинато се работи на случајот.

-Интензивно работме на пронаоѓање на девојчето, по расчистување на случајот ќе ве известиме, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, за КУРИР.

Се проверуваат сите блиски и подалечни контакти, како и електронски уреди за да се добие информација за исчезнатото дете.

Граѓаните веднаш почнаа да се саморганизираат за да ја најдат Вања, а во нејзината потрага се вклучи и Ловечката федерација.

Според описот на потерницата таа е висока 175 см, тешка 58 кг, има коса темно кафеава, очи кафеави, носи протези на горни и долни заби, има бемка на десна страна од лицето. Облечена во плав блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии.Со себе носи школски ранец и мобилен телефон марка Ајфон.

Последен пат била видена во Дебар маало на патот до училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“, а за нејзиното исчезнување на Фејсбук информираше нејзината мајка.

За било какви информации јавете се во МВР.