Комисијата за трговските ознаки меѓу Северна Македонија и Грција што треба да се формира во текот на оваа година, согласно Договорот од Преспа, предвидува дијалог меѓу бизнис заедниците, а не билатерален меѓудржавен дијалог, рече генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи од Министерството за економија и развој на Грција, Димитрис Авлонитис на информативната средба со новинарите за трговските ознаки во рамките на Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.

Тој објасни дека претставници на бизнис заедниците од двете земји, прво ќе се сретнат, за да ја регистрираат актуелната ситуација, да видат дали постојат проблеми, а потоа да најдат заемно прифатливи решенија за употребата на географските термини во трговските ознаки .

-Треба да потенцираме дека договорот е целосно компатибилен со европските и меѓународните правила за регистрација на трговска сопственост и имиња, односно не вметнува никаква отстапува ниту од меѓународното право и Договорот од Мадрид ниту од европското право кое е во надлежност на Европската канцеларија за интелектуална сопственост, рече Авлонитис.

На средбата со новинарите, генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи истакна дека во Европската канцеларија за регистрација на трговски ознаки, регистрирани се вкупно 19 грчки трговски ознаки што го содржат терминот „Македонија” или „македонско/а/и”, додека пак од нашата земја нема ниту едно барање за регистрација.

Меѓу 19 различни обезбедени ознаки, неодамна била регистрирана е и „Македонската новинска агенција“, односно делот од грчката новинска агенција со седиште во Солун.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали регистрирањата биле по Договорот од Преспа, генералниот секретар објасни дека оваа бројка е вкупна, неповрзана со решението меѓу двете земји и не се забележува никаква посебна раздвиженост поради договорот.

-Тоа што бројот на регистрирања е мал не е ниту добро, ниту лошо. Станува збор за избор на бизнисмените и нема да ги стави во неповолна положба грчките бизниси, истакна Авлонитис.

Одговарајќи на новинарски прашања, за два производи со исто име, на пример „македонска салца” што се продаваат во супер-маркет во Германија, а на едниот пишува произведено во Грција, на другиот, произведено во Северна Македонија, Авлонитис рече дека не постои никаков проблем во конкретниот случај.

На прашањето , доколку двајца различни производители од двете земји имаат иста трговска ознака на нивниот производ што сакаат да го извезат во странство, како на пример „македонско вино”, Авлонитис објасни дека во тој случај, извоз може да има, но компанијата од Северна Македонија, нема да може да го регистрира на европско ниво производот под таа трговска ознака, бидејќи станува збор за грчки производ со заштитено име на потекло.

-Може да извезувате, но нема да можете да можете да го регистрирате, рече генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи и објасни дека едно е извозот, а друго е регистрацијата, додека пак за конкретниот пример за „македонското вино“, не може да се регистрира трговска ознака под ова име.

Димитрис Авлонитис, на информативната средба со новинарите истакна дека Договорот од Преспа создава динамика за отворање канали на комуникација, дополнителни мерки за градење доверба и можност за соработка на бизнис заедниците од двете земји.

Паралелно, тој повика на смиреност и им препорача на грчките бизнисмени да ја следат трговската стратегија што се користи до сега и ако сметаат дека треба да се регистрира нивниот производ, да го сторат тоа.

Авлонитис ги отфрли шпекулациите и информациите дека договорот дава можност за тужби за трговските ознаки.

-Би поставил и јас едно прашање, некој да ми одговори. Во кој суд би била тужбата и врз основа на која законска рамка?, рече генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи од Министерството за економија и развој на Грција, Димитрис Авлонитис на информативната средба со новинарите за трговските ознаки во рамките на Договорот од Преспа.

Комисијата за трговските ознаки, согласно Договорот од Преспа, треба да се формира во текот на 2019 и ќе ја заврши нејзината работа во рок од три години.