Битолчани пред Нова година добија директор на битолска Топлификација, а по три години во Новата 2025 година ќе добијат и парно греење, ветуваат од ЕСМ.
Екс директорот на ЈП Водовод, Горан Козаров, е првиот директор на новоформираниот правен субјект на ЕСМ, ДООЕЛ Топлификација Битола. Во негова надлежност ќе биде топловодот, како и дистрибуцијата на топлинска енергија од РЕК Битола до градот Битола и околните места.
– Овој проект е од големо значаење за Битола, проект кој пред 40 години кога се формираше РЕК беше само идеја и желба на инженери, а денес сме сведоци дека тоа станува реалност и за брзо граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот, рече Козаров.
Според одговорните во ЕСМ, топловодот се гради со забрзан интензитет, а првите количини топлинска енергија се очекува да бидат испорачни до потрошувачите во 2025.
– Топловодот ќе обезбеди топлинска енергија за 35 институции кои се предвидени во прва фаза и делот на станбените единици за кои сметките на греење преку зима, според мое мислење, ќе се преполоват. Во тек е физибилити студија за изградба на гасна когенеративна централа во РЕК која ќе произведува и електрична и топлинска енергија за да се задоволи конзумот, рече Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.
ЕСМ за овој проект зеде кредит од германската КфВ банка во износ од 40 милиони евра, а ЕСМ инвестира и 7 милиони евра сопствени пари.