Во општина Тетово три паралелки се во изолација поради учениците кои добиле позитивен резултат на Ковид. Паралелките кои се во изолација следат онлајн настава. Во градинките состојбата е постабилна, вели Амет Ќазими од секторот за образование во Тетово за ТВ 21.

„Во моментов во градинките во Тетово немаме заразени ниту деца ниту едукатори. Во средните училишта има само еден заразен ученик кому му истекува изолацијата. Во основните училишта имаме петмина заразени ученици и три паралелки кои веќе се во изолација.“, вели Ќазими.

Според Ќазими, важно е тоа што училиштата ги почитуваат сите протоколи и тоа е за поздрав бидејќи и родителите добро ја прифатија целата ситуација.

„За тие паралелки кои се во изолација, се организира онлајн настава, во основното образование, додека во тие паралелки кои се во делумна изолација наставно – образовниот процес се одвива нормално, само дел од учениците кои биле во блиска комуникација, тие се во изолација.“, рече Ќазими.

Во тетовскиот регион бројот на заразени видно е опаднат, како на тие кои се хоспитализирани така и на оние кои побарале лекарска помош во болница. Наставата во средните училишта во Тетово започна со доцнење бидејќи во септември Тетово беше еден од градовите со најголем број заразени граѓани.