Од оваа перспектива од речиси 80 години, не може да му се забележи ништо посериозно на македонскиот јазик, што значи дека решенијата за азбуката и правописот се поминати низ многу сериозно сито. За жал, борбата за македонскиот јазик продолжува, особено за неговата афирмација во земјата и надвор, рече лингвистот Трајко Стаматоски на трибината што по повод Денот на македонскиот јазик денеска ја организираше Институтот „Крсте Мисирков“.

Благодарен што овој значаен ден за македонистиката Институтот го одбележува токму денеска, на неговиот 94-ти роденден, Стаматоски, кој е еден од составувачите на тритомниот Речник на македонскиот јазик во 1960-тите години, истакна дека има верба во „младите сили што доаѓаат“.

-И да сакаат, тие не можат да отстапат од она што го постигнале претходниците. Кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 е официјална, но до неа е дојдено со многувековна борба, со освојување принцип по принцип, правило по правило, рече Стаматоски, кој во Институтот работел од неговото отворање во 1953 година до пензионирањето.

Владиниот национален координатор за развој на културата Роберт Алаѓозовски рече дека интензивно ќе се разговара со претставници на министерствата за образование и за култура зашто таму, рече, лежат конкретните планови и мерки кои ќе придонесат до целта – зголемување на употребата. Усвоени се серија мерки што треба да бидат операционализирани за да се дојде до резултати. Најави дека покрај Правописот, електронски и без надомест ќе биде достапен и Толковниот речник и ги повика авторите на соработка за уредување на авторските права.

-Треба одново да го пронајдеме задоволството во говорењето правилен, убав македонски јазик, но и да се унапреди со пронаоѓање нови зборови и форми, додаде Алаѓозовски на трибината „Употребата на македонскиот јазик“ во рамки на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“.

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов спомна дека како научник сфатил дека за научните трудови во кои доминираат англиски термини треба да се најдат соодветни замени.

– Сфаќате дека најголемата мисија е да ги помакедончите научните текстови. Мисија на МОН и на Владата е да направиме ресурси, да овозможиме проекти на институтите за македонски јазик и за македонска литература, затоа што точно е дека битката ја водиме на економски план, но ако сакаме да сме познати во светот, ќе мора да се вратиме во културата, творештвото и сето она што нè идентификува, истакна Атанасов.

Директорката на Институтот „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска рече дека 74-годишната практика на македонската азбука и на правописот придонесе за успешна борба против неписменоста и за квалитетно образование и дека Институтот достојно останува, како што рече, на задачите за афирмација, негување и проучување на македонскиот стандарден јазик.

Ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски посочи дека Институтот за македонски јазик, кој е придружна членка на УКИМ, е најреномиран лексикографски центар во земјава и најсоодветна институција за првото чествување на Денот на македонскиот јазик кој од оваа година се одбележува со владина одлука по повод историскиот 5 мај 1945 кога азбуката е официјално објавена.

Иницијативата за празнување е на Советот за македонски јазик. Неговиот претседател Људмил Спасов се осврна на историскиот контекст кога е составена азбуката, за улогата што ја имал  Блаже Конески и порача дека македонскиот јазик треба да се унапреди до совршенство пред земјава да влезе во ЕУ кога и јазикот ќе биде еден од јазиците на Европа.