Договор за соработка во врска со новиот проект „Европскиот пат на РС Македонија – Постигнување на побрз, поинклузивен и одржлив раст” потпишаа Владата, претставувана од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и УНДП, претставуван од постојаната претставничка на УНДП во земјава, Наринe Сахакиjан.

Проектот е финансиран од УНДП со времетраење од седум месеци. Во овој период ќе се одржат серија консултации и анализи во соработка со државните институции, бизнис заедницата и граѓанското општество.

-УНДП е долгорочен партнер и поддржувач на политиките на РС Македонија, и овој проект е само продолжение на соработката за создавање на подобра средина за поврзување на националната економија со економиите на земјите-членки на ЕУ, изјави Османи по потпишување на договорот.

Тој нагласи дека новата студија што ќе произлезе од проектот ќе содржи можни сценарија за динамиката на пристапувањето кон ЕУ и влијанието врз квалитетот на живеење на граѓаните, преку користење на искуствата на земјите кои од неодамна станаа членки на ЕУ, како и преглед на можното зголемување на трошоците за јавната администрација и бизнис заедницата поради неопходните прилагодувања кон стандардите на ЕУ.

-УНДП е посветен да продолжи да ја поддржува земјата кон патот на ЕУ интеграциите. Имаме долгорочно искуство во советување на оваа тема низ целиот регион, како и посредничка улога во размена на експертиза и искуства со новите земји-членки. Со ова, дополнително го зајакнуваме нашето стратешко партнерство со Владата и заедно ќе продолжиме да работиме на унапредување и на ЕУ интеграциитеи на агендата 2030 – со цел никој да не биде изоставен, изјави постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакијан.

Како резултат од процесот на консултации ќе произлезе студија, која што ќе биде развиена со поддршка на национални и меѓународни експерти, со цел да им помогне на донесувачите на одлуки и на општеството да создадат силна аналитична база за подобро разбирање на ефектите од процесот на пристапување кон ЕУ и постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив развој.