Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска на прес-конфенција обвини дека министерот Љупчо Николовски извршил упад во системот, односно биле поделени 2,5 милиони евра државни пари без соодветни критериуми. Според Трипуновски, еден од членовите кој одобрувал кои апликанти ќе земат средства е претседателот на партиската комисија на СДСМ за земјоделство.

-Во 2022 година Љупчо Николовски прави директен упад во системот, односно попрецизно прави паралелен систем со тоа што преку Министерството носи програми со кои директно го дерогира системот кој е законски востановен по примерот на ЕУ, и покрај тоа што овие програми се во надлежност на Платежната агенција, посочи Трипуновски.

Според Трипуновски, во 2022 година се исплатени над пола милион евра, или поточно на 59 апликанти им се исплатени по 10 илјади евра или вкупно 590.000 евра. Во 2023 година, 86 апликанти за мали винарии во вредност од 800 илјади евра, за програмата вински дестилати 12 апликанти во вредност од 56 илјади евра, за програмата неживотинско  на 113 апликанти исплатени им се финансиски средства во висина од 1.100.000 евра.

Симптоматично во целиот процес, како што посочи, е тоа што еден од тричлената комисија која давала согласност за финансиските средства е тогашниот претседател на партиската Комисија за земјоделство од СДСМ Гоце Георгиевски.

-Георгиевски како еден од членовите на комисијата имал задача да го прави изборот на корисниците за овие програми, да ја следи нивната имплементација и да врши контрола. Но, до денеска не постои документ дека е извршена каква било контрола, ниту дали се имплементирани, додаде Трипуновски.

Спорно, според Трипуновски, е и тоа што единствен услов бил „прв дојден, прв услужен“, како и тоа што во 2023 година фирмата „Агростратус“ на таткото на Георгиевски добива согласност за добивање на финансиски средства. Тој потенцира дека мора да има целосна истрага за овој случај.

Фото: МИА