ТРУЕЊЕ СО ХРАНА ВО СД ПЕЛАГОНИЈА: Вакви ли оброци ветуваа на пропагандните гостувања како „ручек со студентите“ на премиерот?

/ 28.12.2022

Денес до нас пристигна информација за труење од храна во студентскиот дом Пелагонија во Скопје. Навистина сме згрозени од фактот што во моментот многу студенти се жалат и се завршени на инфективните клиники, велат од „Студентски отпор“, објави Курир.

-Прашуваме јавно, ваков ли студентски стандард и студентски оброци ветуваа луѓето од власта или студентите ги гледаат само како пропаганден материјал за користење, како тоа што беше фамозниот „ручек со студентите“ на премиерот?

Студентски отпор будно ја следи ситуацијата во студентскиот дом Пелагонијa, строго го осудува игнорантниот однос на власта кон студентите и ваквите нехумани услови во кои студентите престојуваат!, додаваат од „Студентски отпор“.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Центарот за јавно здравје и претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, утрово, по добиено известување за можно труење со храна во студентскиот дом Пелагонија, извршија вонредна инспекциска контрола во кујната.

-Од страна на инспекторите за храна, кујната е времено затворена. Наредени се мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. За лабораториско испитување, земени се шест мостри од храната која се послужувала и осум брисеви од работните површини и опремата, соопшти АХВ.

Како што нагласуваат од АХВ, кујната ќе биде повторно пуштена во употреба по добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста и по контролата која ќе направат инспекторите со која ќе се потврди дека се преземени сите наложени мерки за отстранување на констатираните недоследности.


Од истата категорија