Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на државата нотира добро ниво на подготвеност во реформските процеси што ги презема Царинската управа во Поглавјето 29 – Царинска унија, со цел забрзување на интеграцијата на нашата држава во единствениот пазар на Европската унија, соопшти Царинската управа.
Зголемените приходи, воспоставување на сеопфатен разузнавачки систем за поддршка на истрагите и спроведување на законот, зајакнување на капацитетите на Секторот за контрола и истраги, надградбата на ИТ системите и усогласеноста на царинското законодавство, се дел од областите каде е забележан напредок, посочуваат од Царинската управа.
Вкупните приходи наплатени од Царинската управа во 2025 година беа за 5,2 проценти повисоки во споредба со 2024 година, надминувајќи 2,1 милијарди евра“, нотира ЕК во последниот извештај.
Во делот на оперативни и административни капацитети, од Комисијата го истакнуваат воспоставувањето на сеопфатен разузнавачки систем за поддршка на истрагите и спроведување на законот како и новиот систем за управување со ризик и податочен склад. Во оваа насока потенцирано е учеството во меѓународни операции и размената на разузнавачки информации. Контролите, се засноваат на анализа на ризик поткрепена со разузнавачки информации, информации добиени пред пристигнување на стоката и техники на селективност.
Воедно, се посочува, со финансиска поддршка на ЕУ со цел зајакнување на борбата против организираниот криминал, нотирано е дека капацитетите на Секторот за контрола и истраги се значително зајакнати со нови возила и заштитна опрема, како и ИТ опрема за сервер салата со што се подобрува ИТ безбедноста на царинските операции. Во делот на борбата против корупција Комисијата наведува дека продолжува спроведувањето на Стратегијата за интегритет и борба против корупција за периодот 2024-2027 година.
Од Царината наведуваат дека во делот на дигитализацијата се потенцира дека е обезбедено одржување и понатамошен развој на системот за Интегрирана тарифна околина, како и започнување на пилот фаза на системите за регистрација и идентификација на економските оператори и за унифицирано управување со корисниците и дигитален потпис.
-Царинското законодавство е со висок степен на усогласеност со правото на ЕУ, при што Царинската тарифа во 2026 година е донесена и усогласена со Комбинираната номенклатура на ЕУ, се потенцира во соопштението.
Во областа на добрососедски односи и регионална соработка нотирано е, се подвлекува, и ратификувањето на Протоколите 5 и 6 со кои се воспоставува рамка за олеснување на трговијата преку царинска соработка и либерализација на трговијата со услуги.




