Членовите на Туристичко-угостителската комора, претставници на угостителските објекти, ноќни клубови, ресторани за свадби, игротеки, туристички агенции, туристички водичи и превозници, денеска на пладне пред Министерството за финансии започнаа протест преку кој бараат континуирана финансиска поддршка за спас на овие дејности. Под мотото „Ќе можете ли“, ги повикуваат надлежните институции итно да ја обезбедат бараната финансиска поддршка.

– Угостителскиот сектор од почетокот на кризата минатата година се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосен прекин на активноста, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Ние во изминатите години докажавме дека знаеме и можеме да работиме, и од нула изградивме претприемачки извор на егзистенција преку кој чесно ги издржуваме нашите семејства. Сега без наша вина, не сме во можност да работиме, а тоа ја доведува во прашање не само иднината на деловните субјекти туку и егзистенцијата на нашите семејства. Затоа и ги повикуваме надлежните институции да се потсетат на нивниот изборниот слоган „Можеме“ и да покажат дека навистина можат и да ни помогнат кога тоа навистина ни е потребно за спас на дејноста на правните лица и егзистенцијата на нашите семејства. Денеска сите ние од тука јасно и гласно ги прашуваме „Ќе можете ли?“ да одговорите на барањата и да ни ја обезбедите помошта која е потребна, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.