Турскиот парламент синоќа усвои Закон што наводно има за цел борба против лажните вести и дезинформациите, со оспорувани одредби што предвидуваат и затворски казни за ширење дезинформации.
Најконтроверзната одредба во новата легислатива, членот 29, предвидува казна затвор до три години за ширење информации што се „спротивни на вистината” за прашања од областа на безбедноста, јавниот ред и здравјето во Турција, односно ширење дезинформации што наводно имаат намера да предизвикаат загриженост и паника во јавноста.
Опозицијата соопшти дека новата легислатива е со цел замолчување на критичарите на власта пред претседателските и парламентарните избори закажани за јуни. Критичарите предупредуваат дека корисниците на социјалните мрежи може да бидат притворени доколку споделат содржина која власта ја смета за лажна.
„Оние што велат ’има сиромаштија’ ќе одат во затвор. Оние што велат ’има корупција’ ќе одат во затвор“, изјави Енгин Алтај, пратеник од главната опозициска Републиканска народна партија.
Законот од 40 членови беше усвоен од владејачкото мнозинство во Парламентот, составено од пратеници на Партијата на правдата и развојот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и нејзините сојузници.
Гласањето следеше по бурните седници во Парламентот, со спротивставувања на пратениците од опозицијата кои во неколку наврати ја прекинуваа расправата и го осудија, како што посочија, законот за цензура.
Ердоган се заложи за усвојување на Законот, истакнувајќи дека лажните вести и растечкиот „дигитален фашизам” се закани за националната и глобалната безбедност.