Турскиот Парламент синоќа одобри амандмани на Изборниот закон за кој опозицијата смета дека е потег кон изборна измама и измени што имаат за цел да се намалат шансите на опозицијата да ја преземе контролата во Законодавниот дом на наредните избори.

После тридневна дебата реформите беа усвоени со поддршка на пратениците од владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговите националистички сојузници што заедно имаат мнозинство во Парламентот.

Со реформите се снижува прагот за влез во Парламентот од десет на седум отсто од освоените гласови, се менува начинот на распределување на пратеничките места меѓу коалициите, а одлуките по забелешки за изборни резултати ќе ги носат судии избрани преку жребување. Промените би требало да стапат на сила наредната година.

Опозициските партии ги критикуваа измените како обид на владејачката Партија на правдата и развој да остане на власт независно падот на нејзиниот рејтинг во анкетите.

Законот претставува изборен инжинеринг да се остане на власт, а не заради демократизирање на изборите или правично застапување на граѓаните, рече Филис Керестечиоглу, пратеничка на прокурдската опозициска Народна демократска партија.

Хајати Јазичи, претставник на партијата на Ердоган кој и ги изработи нацрт-реформите, застана во одбрана на измените на законот тврдејќи дека обезбедуваат посилно пресликување на волјата на народот.

Главната опозициска Републиканска народна партија вети дека некои од реформите ќе ги оспори пред највисоките судски инстанци во државата.

Измените во начинот на распределба на пратеничките места во секој изборен округ веројатно ќе ги стави помалите партии во неповолна позиција и ќе ги обесмисли нивните интенциите да се придружат кон некоја опозициска коалиција. Додека порано пратеничките места се распоредуваа според вкупниот број гласови што ги добила одредена коалиција, со измените на изборната леигислатива местата ќе се додеуваат според бројот гласови што ќе ги добие секоја од партиите-членки на коалицијата.

Критичарите велат дека измените се осмислени наменски за да одвратат две помали конзервативни партии што ја напуштија коалицијата со партијата на Ердоган од придружување кон некоја опозициска коалиција.

Согласно новите мерки, евентуални забелешки на резултатите од изборите или пребројувањето на гласовите би ги разгледувале судии избрани по пат на жребување наместо прворангираниот судија во округот. Критичарите тврдат дека тоа ќе ги зголеми шансите по жалбите да одлучуваат судии што изминатите години ги именувала владејачката партија, односно за кои се очекува да се лојални кон власта што ги назначила.

Опозицијата го поздрави намалувањето на прагот за влез во Парламентот, но сепак забележува дека тој потег има за цел спасување на Партијата на националистичкото движење која е во коалиција со партијата на Ердоган, а чиј рејтинг постојано опаѓа. Инаку, цензусот за влез во Парламентот во Турција и со измените останува меѓу највисоките во Европа.

Опозицијата исто така тврди дека некои од техничките особености на реформите му даваат простор на Ердоган како претседател да биде изземен од некои ограничувања за време на предизбирната кампања, забелешка што владејачката партија ја отфрла.

Изборните реформи се спроведуваат месец дена откако шест опозициски партии се обединија и најавија враќање кон парламентарен систем на владеење во државата доколку победат на изборите. Тие ветија укинување на претседателскиот систем на владеење што го воведе Ердоган, за кој критичарите велат дека се сведува на владеење на еден човек.

Анкетите покажуваат дека алијансата предводена од владејачката партија ја губи поддршката, што е смета дека е последица на економската стагнација во земјата и растечката инфлација.

Измените во изборниот закон би стапиле на сила за време на претседателските и парламентарните избори закажани за јуни наредната година, но доколку бидат распишани вонредни избори тие ќе се спроведуваат според претходниот изборен закон односно според легислативата каква што беше пред донесените измени.