Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар ја обвини Грција дека префрлила оружје на 16 егејски острови со демилитаризиран статус и со тоа прекршила повеќе договори, јави Анадолија.

Тој информира дека станува збор за 16 од вкупно 23 егејски острови, кои според меѓународни договори имаат невоен статус.

– Очекуваме од Грција да дејствува во согласност со меѓународното право, потпишаните договори и добрососедските односи, изјави Акар за време на вчерашната посета на турскиот производител на ракети „Рокетсан“ („Roketsan“).

Тој додаде дека покрај борбата против тероризмот, активностите на Турција во Егејското Море, во Источниот Медитеран, недалеку од Кипар, и Либија, се во тек, и нагласи дека тие се спроведуваат во согласност со меѓународното право и територијалниот интегритет на земјите.

Турција, како земја гарант за Турската Република Северен Кипар, во моментот спроведува активности за истражување на јаглеводороди во Источниот Медитеран со свои два брода за дупчење.

Анкара долго време го оспорува едностраното дупчење во Источниот Медитеран спроведувано од администрацијата на кипарските Грци, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар, исто така, има права на ресурсите во тоа подрачје, потсетува Анадолија.