Турција повеќе не ја разгледува можноста за купување на ракетни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ од САД, изјави денеска шефот на турската Дирекција за одбранбена индустрија Исмаил Демир.
– Во моментов нема побарувачка за ракетни системи „Патриот“. Што се однесува до нашата одбранбена индустрија, ја затворивме оваа страница, истакна Демир.
Според него, спроведувањето на договорот за купување системи за противвоздушна одбрана С-400 од Русија продолжува без никакви проблеми.
Москва и Анкара потпишаа договор за испорака на системот С-400 во 2017 година, со што Турција стана прва земја од НАТО што ги купи овие системи од Русија.