Словенечкиот министер за одбрана, Матеј Тонин, најави дека неговата земја планира да распореди 200 свои војници во Словачка, како дел од зајакнувањето на источното крило на НАТО поради кризата во Украина, а постои можност словенечките војници да се приклучат и во мисијата во Босна и Херцеговина.

-Го зајакнуваме присуството во мисиите на НАТО. Во моментов има 50 наши војници во Летонија и тој број ќе остане непроменет, а ние преговараме за распоредување војници во Словачка. Веќе донесовме интерна одлука, имаме намера да испратиме до 200 војници во Словачка, рече министерот.

Во изјава за ПОП-ТВ, словенечкиот министер за одбрана додаде дека оваа недела за деталите од договорот ќе разговара со својот словачки колега и очекува до летово да биде формирана специјална мисија на НАТО во Словачка.

Според Тонин, се влошува и состојбата во БиХ, каде мисијата на Европската унија (Алтеа) е засилена со дополнителни 500 војници, но во неа нема војници од Словенија.

-Во БиХ треба да се биде многу внимателен, иако тензиите таму се уште се на политичко ниво, рече Тонин и изрази задоволство што ЕУ со брза реакција ќе ја зајакне својата мисија во БиХ, бидејќи работите може да се влошат.

„Нема Словенци меѓу 500-те војници на ЕУ кои неодамна беа испратени во БиХ, но постои можност тие да се приклучат подоцна“, додаде тој.

-Особено затоа што некои земји кои се многу оптоварени од војната во Украина, но и од бранот бегалци од оваа земја, побараа од нас да преземеме дел од нивниот товар. Но, за овие конкретни работи неделава ќе разговарам со словачкиот министер за одбрана, рече Тонин.