Турција денеска ќе испрати нов брод за сондажа за да бара нафта и гас во Средоземното Море, јави Анадолија. Во јужниот округ Мерсин ќе се одржи церемонија за испраќање на бродот „Абдулхамид Кан“ на неговата прва истражувачка активност во Средоземното Море. На церемонијата ќе присуствува турскиот министер за енергија и природни ресурси Фатих Донмез.
Поради мисијата на новиот брод „Абдулхамид Кан“, спорот со Грција за правата на гас може повторно да ескалира. Атина ја обвинува Анкара за нелегално истражување на наоѓалишта на гас во близина на грчките острови. Турската влада ги негира наводите и вели дека истражувањето на гас е легално. Сличен конфликт постои и со Кипар.
Во 2020 година, спорот ескалира откако Турција го испрати својот истражувачки брод Орух Реис во Источниот Медитеран.
ЕУ постојано ги осудува активностите на Турција и воведува санкции поради сондажите близу Кипар.
Засега не е јасно дали „Абдулхамид Кан“ навистина ќе плови во спорните води.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека нема да бидат дозволени акции насочени против земјата на суверените територии на Турција.
„Абдулхамид Кан“ е четвртиот турски брод за сондажа. Бродот беше купен минатата година од Република Кореја. Долг е 238 метри и широк 42 метри. Тој е способен за сондажа на длабочина до 12.200 метри и до 3.665 метри под морското дно. Станува збор за брод за сондажа од седмата генерација опремен со најсовремена технологија и еден од само петте пловила од оваа класа во светот.