Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска попладне ќе допатува во посета на Скопје, при што меѓудругото со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, од Европската Комисија не сакаат да откријат во кој правец ќе се движат разговорите во Скопје, ниту дали ќе има пораки до Бугарија во врска со блокираниот ЕУ-процес за Македонија, а повеќе детали за разговорите ќе бидат соопштени по средбата. Засега единствена порака што ја пренесуваат службите на Фон дер Лајен е дека „ЕУ држи до регионот“.
– Таа (Фон дер Лајен) ќе се сретне со лидерите и ќе разговара за билатералните односи со ЕУ и регионалните прашања, перспективата за преговори за членство на С. Македонија е дел од пошироката дискусија. Целта на претседателката е да ја потврди нејзината посветеност кон регионот и перспективата за преговори за членство во ЕУ со овие земји кога времето и условите ќе бидат добри и преговорите ќе бидат завршени, рече Дана Спинант, портпаролката на Европската Комисија.
Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата, по што ќе одржат средба на која ќе присуствуваат и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Заев и Фон дер Лајен ќе одржат заедничка прес-конференција во кино Фросина во МКЦ, кој е реновиран со средства од ЕУ.
Подоцна, Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и други високи претставници.
Скопје е втора станица на Фон дер Лајен на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Од 28 до 30 септември таа ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан, почнувајќи од Албанија.
Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.
Еден ден по Фон дер Лајен, утре во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Македонија во ЕУ. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, информацијата за посетата на Вархеји ја потврдија службите на Европската Комисија. Програмата на посетата сѐ уште се финализира, но извесно е дека тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.
Претседателот Стево Пендаровски вчера во обраќањето на дводневниот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”, кој се одржува во организација на МАНУ под негово покровителство, истакна дека надворешната интегрираност е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел се осврна на значењето на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија.
– Забележавме видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрозиме виталните идентитетски маркери на македонската нација кои се експлицитно наведени во текстот на документот. Еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993-та до денес, независно кој беше на власт во Скопје и Атина, а тој е дека терминот Македонија ќе се употребува на неексклузивна основа. Договорот со Бугарија од 2017-та е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција, рече Пендаровски, посочувајќи и на неодамна усвоената собраниска декларација, која како што нагласи, го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање.
На научниот собир во МАНУ се обратија и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорги Иванов, кои се осврнаа на спорот со Софија.
Според Црвенковски, и по решавањето на спорот со Грција со постигнувањето на Преспанскиот договор, за кој ни беше гарантирано дека е клучот што ќе ги отвори вратите на ЕУ и НАТО, за жал испадна дека не е така, бидејќи станавме членка на НАТО Алијансата, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Тој смета и дека условувањата од Софија се толку големи и задираат во националниот идентитет и историја, поради што компромис не е можен.
– Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен, рече Црвенковски.
За поранешниот претседател Иванов, Пандорината кутија била отворена уште со Охридскиот договор, со кој македонскиот народ „од националитет се свел на етницитет“ и сега, според него, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право.
– Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор… Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината, изјави Иванов.
Во меѓувреме, се зголемува притисокот на САД врз Бугарија, барајќи од неа да се откаже од ветото за интеграција на Македонија во ЕУ и брзо да ја одобри преговарачката рамка за членство на Скопје во Унијата. Американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар минатата недела за Радио Слободна Европа изјави дека треба што побрзо да се најде компромис на билатералното прашање меѓу Софија и Скопје, и да се деблокира евроинтеграцијата на Северна Македонија.
– Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на С. Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што не засега сите нас, вели Ескобар.
Според него, дадени се некои „добри решенија“ за решавање на прашањето и Вашингтон ќе продолжи да ја притиска Софија да се најде компромис. Ескобар, исто така, вели дека дека би сакал пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија да почнат оваа година, додавајќи дека двете земји го заслужија тоа.
И американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз минатиот петок потврди дека САД ќе се вклучат во ова прашање и во разговорите затоа што сметаат дека Северна Македонија треба да го заземе заслуженото место во Европа и во ЕУ и се надеваат дека тоа ќе се случи бргу.