Управата на истражниот затвор „Скопје“ уште вечерва ќе почне истрага согласно протоколите за работа за да испита дали е направен некаков пропуст и доколку биде утврден пропуст од припадниците на затворската полиција или на другите служби ќе биде покрената соодветна истрага и ќе биде побарана дисциплинска одговорност, изјави вечерва директорот на затворот „Скопје“, Ѓоко Котевски.
– Постојат видео камери, надзор од овластени лица кои вршат мониторинг на тој простор и се прибавуваат изјавите. Во тоа шеталиште не биле само двете лица, туку и други лица кои се сместени во тие соби. Лицата кои се во тие соби не се ниту за исти дела, се водат различни постапки. Да почекаме да видиме што ќе покаже истрагата. Не сакам да прејудицирам сега како ќе биде, истакна тој.
Котевски ги отфрли наводите дека едното лице притрчувало или му помагало на другото лице. Ние како Управа рече, немаме индиции дека ќе има некаков настан, дека ќе се случи ова што се случи, бидејќи, како што потенцира, едното од лицата и претходно беше три недели во притвор и се помина во најдобар ред.
На новинарко прашање Котевски рече дека едно од лицата не се пожалило на поголеми болки, ниту оценката на затворскиот доктор била дека треба да се пренесе во Ургентен центар. Другото лице побарало помош и бидејќи се пожалило, а затворскиот доктор ја немал потребна апаратура за да постави дијагноза било веднаш однесено во Ургентен центар.
Тој информира дека лицето М.Ј. по кусиот престој во болницата повторно е вратено во притвор. Според него, тука е и неговиот адвокат Наков кој, како што рече, најверојатно ќе разговара со М.Ј.
Рече дека според првична информација со која располага е дека М.Ј. нема скршеници, туку полесни нагмечувања.
На прашање дали можел инцидентот да се спречи, Котевски истакна дека еден затворски полицаец е распореден на работна позиција на мониторинг на тие шеталишта.
-Првично тоа што го гледаме од дојавата до времето на реакција не поминало повеќе од две-три минути, значи многу е брза реакцијата. Постапката за истражување на овој случај е веќе започната и мислам дека за многу брзо време ќе имаме поцелосна слика. За сите оние кои постапиле спротивно на востановените протоколи во вакви случаеви или направиле нешто со што ја загорзиле безбедноста на притворените лица ќе биде покрената дисциплинска постапка и истите ќе бидат санкционирани, изјави Котевски.
Според него, безбедноста на затворот „Скопје“ е на највисоко ниво и уште еднаш повтори дека ги осудува сите овие немили настани и ќе се труди во иднина да не се повторуват.
Од ГОБ „8-ми Септември“ попладнево потврдија дека кај нив бил примен Миле Јанакиески, но оти не му биле констатирани телесни повреди.