Скопје, 21 февруари 2019 (МИА) – СДСМ смета дека случувањата со инцидентот во затворот „Скопје“ во Шутка во кој беа инволвирани поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се обид на ВМРО-ДПМНЕ за дефокусирање на јавноста од улогата на партијата како осомничен организатор за насилствата на крвавиот 27-ми април.

-Медиуми и интернет поратали блиски до ВМРО-ДПМНЕ денеска синхронизирано пласираа голем број неточни, лажни вести и шпекулации како дел од ова сценарио. Однесувањето на антизападниот Мицкоски и неговиот театар во болницата „8- Септември“ е само уште една потврда за тоа. Особено имајќи предвид дека лицето М.Ј воопшто немало никакви повреди, што е потврдено со прегледот. СДСМ најостро осудува било какво насилство и во таа насока го осудува инцидентот во затворот Шутка. Нема толеранција за било какво насилство. Благодарение на брзата и професионална реакција на институциите не успеа денешната провокација, смисленото сценарио на Мицкоски и Груевски, изјави вечерва портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

Очекуваме, рече тој, сите надлежни институции до крај да го расчистат овој инцидент.

-Нема да им дозволиме на Мицкоски и Груевски да ја втурнат Северна Македонија во нови кризи и тензии и да ја загрозат иднината на нашата татковина и сигурноста на граѓаните. Насилството ќе се санкционира, а Мицкоски нема да успее, одговороност за нарачателите и реализаторите на крвавиот 27 април мора да има, додаде партискиот портпарол.