Премиерот на Полска Доналд Туск денеска на границата со Белорусија изјави дека започнало зајакнувањето и утврдувањето на полската граница, за што неговата земја нема да штеди пари, но оти за безбедноста на источната граница на ЕУ, средва ќе мора да издвои и самата Унија.

– Нема сомнеж за се поагресивните намери на Белорусија кон Полска. Преземаме чекори за зајакнување на границата поради зголемениот притисок на режимот на Александар Лукашенко и зголемените закани од војната поради руската агресија во Украина. Почнавме интензивни работи за утврдување на целата граница на Полска на исток, рече Туск при посетата на погранчното место Каракуле.

Полскиот премиер по разговорот со командантите на пограничната стража, армијата и полицијата, рече дека Европа ќе мора да инвестира во својата надворешна граница во Полска бидејќи тоа е инвестиција во европската безбедност.

– Нема ограничување на ресурсите кога станува збор за безбедноста на Полска. Како што рековме дека нема да штедиме на оружје и опрема за армијата, сакам да кажам и дека нема да штедиме на безбедноста на границите, не само кога станува збор за инфраструктура, но и опрема за секој војник поединечно, рече Туск.

Тој предупреди дека се зголемува притисокот на илегалната миграција од Белорусија, која како дел од хибридната војна против Полска ја организира режимот во Минск.

Пред неколку дена и полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш изјави дека земјата треба да има план за изградба на систем од ровови и бункери на источната граница.