Полска мора да биде вклучена во преговорите чија цел е завршување на војната во Украина, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.

Тој го упати овој повик откако лидерите на Велика Британија, Германија и Франција во неделата се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон, каде што порачаа дека ги поддржуваат преговорите за примирје.

Отсуството на Туск од разговорите во Лондон предизвика прашања во Варшава за тоа дали Полска се исклучува од процесот во момент кога западноевропските сили се обидуваат да го насочат Киев кон преговори со Москва во блиска иднина, пишуваат локалните медиуми.

– Јас сум многу претпазлив во однос на идеите што се појавуваат во Западна Европа за што поскоро започнување некаков дијалог или разговор со (рускиот претседател Владимир) Путин за Украина – изјави Туск на прес-конференција.

Полска е еден од најцврстите поддржувачи на Украина и нејзин источен сосед во војната што трае повеќе од четири години против руските сили. Варшава му обезбедува финансиска и воена помош на Киев, а воедно се наметнува како една од членките на НАТО со највисоки трошоци за одбрана.

Во заедничката изјава во неделата, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон го поздравија повикот на Зеленски за прекин на војната и предлогот за директен дијалог меѓу Украина и Русија, со активно учество на САД и Европа.

Туск изрази незадоволство и од форматот „Е3“, во кој се вклучени Велика Британија, Франција и Германија, но не и другите европски сојузници на Украина.

– Разговарав со премиерката на Италија, Џорџа Мелони, која не е воодушевена од постоењето на овој формат – рече полскиот премиер. – Секој договор во кој Полска не учествува нема да биде обврзувачки за нас – додаде тој.

Туск најави дека „во наредните денови“ ќе се одржи состанок посветен на Украина, на кој покрај Полска и Италија, ќе учествуваат и Велика Британија, Германија и Франција.