Речиси 80.000 евра или 5 милиони денари се предвидени за репрезентации, односно за подароци, ручеци и вечери по ресторани за градоначалникот Рамиз Мерко, општинскиот совет и локалната администрација, со годинешниов буџет на Струга, објави ТВ Алсат.
Од тие пари, речиси 48.000 евра му се на располагање исклучиво на Мерко.
Опозицијата реагира за ваквите трошоци на пари од граѓаните:
-Без разлика што станува збор за огромна економска, енергетска и здравствена криза сепак не се откажаа од овие трошоци. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, имаме недомаќинско работење на општината… Како советничка група не учествуваме во тие ручеци или репрезентации, кои се одржуваат после секоја седница на Советот на општината, вели Ален Деребан од ВМРО-ДПМНЕ.
Слисчна е реакцијата и од Алијанса за Албанците:
– Ова се случува во време кога општината со години е во тешка финансиска состојба и има блокирана жиро-сметка. Централните институции треба да извршат ревизија. Одредени се 2 милиона денари за гориво за 2022 година за општина, која не е транспортно претпријатие, вели Нијази Џумкар од Алијансата за Албанците.
За четири години, како што наведува ТВ Алсат, Мерко за репрезентации потрошил речиси 140.000 евра. Најмногу потрошил во 2019 година, односно речиси 100 отсто од предвидениот износ.