Министерот за внатрешни работи на Венецуела изјави дека властите го уапсиле Роберто Мареро, шеф на канцеларијата на опозицискиот лидер Хуан Гваидо. Тој е обвинет за учество во „терористичка група“ што планирала напади врз високи политичари и армиски лица.

За време на изјавата преку националната телевизија, министерот Нестор Реверол покажа две фотографии од пушки кои ги нарече „доказен материјал“ собран при апсењето на Мареро.

Тој додаде дека при претресот на домот на Мареро (49) било пронајдено оружје и голема сума пари во странска валута.

Опозицијата ги нарече обвиненијата кон Мареро како фалсификат и акт на заплашување.

Советникот на американскиот претседател за прашања за националната безбедност Џон Болтон повика за итно ослободување на Мареро и предупреди дека Мадуро направил „голема грешка“ што „нема да остане без одговор“.