Секоја посета на пештера е посебна возбуда за секој истражувач, спелеолог, за луѓето што ги мотивира адреналинот. За авторот уште повеќе зашто е негова прва посета. Иако велат, откако е откриена пред 60-тина години, е меѓу најпосетуваните.
Лесно, со автомобил, се стигнува по патот за селата Оревоец и Крстец, ама откако се појави знакот – пештера, има повеќе од половина час пешачење. Не дека е тешко, нема големи нагорнини, за искусните „мачкина кашлица“, ама чувството пак да се биде во природа е незаменливо. Бујна вегетација и многу, на општо задоволство, шумски јагоди. Посебен мирис и вкус, на природно.
Влезот во пештерата не е впечатлив. Грмушки, едно дрво лешник, полно плод, прави сенка на влезот.
Истражувачот, повеќе од 20 години, и новинар Тренчо Димитриески вели дека ова му е посебно задоволство. А ни постави фасцинантен повод за посета – пештерата, освен што е ремек-дело на природата, е голема тајна, археолошки неистражена, за траги на човековото „битисување“ во еден дел од неговиот живот во пештерата. И најбитното – тоа место на нашите предци многу, се чини, им значело.
Се потсетуваме на податоците што ни ги даде спелеологот Дарко Неданоски од спелеолошкиот клуб „Златоврв“.
Пештерата Рамниште се наоѓа на локалитетот Рамниште, поточно помеѓу селата Крстец и Оревоец. Се наoѓа на западните падини на планината Козјак и е на 12 километри од Прилеп. Првите истражувања се во 60-тите години на минатиот век, од првата генерација на друштвото „Златоврв“, тогаш првпат е пронајдена, посетена и е документирана. Пештерата е долга 110, а длабока е 25 метри. Многу е специфична и е ретка, зашто е формирана во „карбонатски бречи и конгломерати“, кои се составени парчиња од мермери. Има многу пештерски украси: сталагмити, сталактити, сливови, драперии, завеси, столбови, кои се во бела, црна, црвеникава и жолтеникава боја, но претежно се во бела и црна боја.
Пештерата го покажува својот „специфичен“ лик. Со тесни влезови, проширувања, одаи, на места мора да се движите лежечки. А некаде со лизгање. Водата врз камењата направила опасни терени. Шегата настрана, ама спелеологот Неданоски ни одговори сериозно на прашањето – сега не се забележани лилјаци, како во мариовските пештери.
Фасцинацијата од пештерските украси се префрла на новите, неистражени траги на човековото присуство. И култура. Димитриески објаснува – бев фрапиран од трагите на културата. Вели, ги има од старите времиња, пред илјадници години и низ епохите. Среде пештера, го почнува своето детално објаснување. Многу е фасциниран.
– Неодамна кога влегов со таква намера, се вчудовидов кога наидов на купови траги од култура. Можеби стотина фрагменти од керамички садови, најверојатно од разни периоди. Но, според моите скромни познавања констатирам, не сакам крајно да тврдам, дека во пештерата има култура од, веројатно, бронзеното или железното време. Најдов некои рачки од садови со јазичеста форма. А постарите фрагменти, фактички, се скаменуваат, се спојуваат со другиот состав на пештерата. Пештерата Рамниште е геолошки истражена. Илјадници луѓе ја посетиле. Формирана можеби пред два и пол до три милиони години. Па некогаш овие пештери биле засолниште. Но ретки или воопшто нема наоди на култура во пештера, објаснува Димитриески.
Според сѐ, пештерата била посетувана низ историјата. Како и зошто е посетувана, дали за практични или култни намени, ритуални верувања? Ете, за таканаречената Гостинска одаја има приказна. Или наречена Невестинска. Се верувало ако тука се скрши земјен сад, ќе има плодност.
– Прашањата се нижат. Зошто влегувале нашите предци? Зошто има садови тука? Стотици. Сигурен сум дека има и од античкиот период – римски и македонски период. Што велат, рана антика – од 4 век пред до 4 век во нашата ера. А има и од доцната антика, од средниот век. Некое верување или потреба? Некогаш се криеле. Значи може да констатираме дека пештерата е користена од човекот за различни намени: за култни, за заштитување, за некакви верувања или практични намени, па дури и за криење, незапирливо раскажува Димитриески.
Тој е фасциниран дека нашол стаклена устинка. Од кога ли датира?
Овде има култура од огромно значење, според мене. Може да излезат фрапантни сознанија. Во оваа пештера најдов и стакло и оние што препознаваат, го знаат историјатот за стаклото, првото појавување што било околу 1500 години пред нашата ера во Месопотамија. А се знае дека стаклени садови се правеле во македонскиот период. Во прилепскиот музеј има зачувано стакло од гробниците од македонски тип во Горно Село. Јас имав среќа да најдам такво парче во пештерата. Според мене, иако не можам да тврдам, е од римскиот период. А што барало едно вакво фино стакло во пештерата? За какви намени било користено?, ги ниже прашањата Димитриески и сака археолозите да истражуваат. Ама вели, ни недостигаат палеонтолози.
– За жал, во Македонија имаме малку палеонтолози, стручњаци за тој праисториски период. Предметите од тие периоди имаат специфични облици, кои стручњаците за тој период може да ги препознаат. Потребни се сериозни истражувања, со сонди, смета Димитриески.
За преданијата, верувањата, фрагментите од керамички садови говори и спелеологот Неданоски.
– Има и многу парчиња од различни видови керамика. Во минато време, жителите на Оревоец и на Крстец сметајќи дека во длабочините на пештерата се кријат зли духови, пештерата Рамниште ја нарекуваат и Духова Дупка. Во одредени денови, како Духовден, носеле стомни, бардиња со вода, правеле ритуали за нивно здравје, ги пренесува преданијата Неданоски.
Вљубениците во пештерите, фасцинирани од ремек-делото на природата може со часови да се „загубат“ во она што мајката природа го создавала низ вековите, милениумите. Геолошки е истражена, ама не и археолошки. Сознанијата дека низ времињата човекот оставал траги, допрва може да отворат приказни за човековото постоење и неговите потреби низ времињата. Ова мало „начнување“ на човековото битисување, заедно со природата е само мал почеток. Можеби и никогаш докрај нема да се открие. Токму тоа ќе биде мистеријата што ќе ги привлекува посетителите.
Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ уште во 2013 година побарал од прилепските локални власти да ја поддржат намерата пештерата Рамниште да се уреди туристички, да биде привлечна за туристите. Но немало разбирање, ама спелеолозите не губат надеж.
– Иако оваа пештера не е туристички уредена, спаѓа во една од најпосетуваните пештери во Македонија. Клубот „Златоврв“ често организира посета на пештерата. Неколкупати целосно е осветлена. Се надеваме дека во иднина оваа пештера ќе ја внесеме во туристичката мапа на алтернативни и авантуристички места за посета на туристите во нашиот град, вели спелеологот Неданоски.
И по напуштањето на Рамниште, останува кај нас фасцинацијата. Од природната уникатност, од новите човекови траги за неговото постоење. Можеби некогаш ќе стигнеме до одговорите: кој, кога, зошто? Којзнае? Фасцинацијата останува.
Елизабета Митреска за МИА