На истокот од Филипините е убиен новинарот Хесус Малабанан, кој како дописник на агенцијата Ројтрес, со своето известување многу му помогна на претседателот Родриго Дутерте во информирањето за кампањата за војната против дрогата во земјата, соопшти денеска филипинската полиција, јави ДПА.
Полицијата прецизираше дека Малабанан (58) доцна синоќа бил застрелан во главата и дека бил прогласен за мртов при пристигнувањето во болницата во Калбајог Сити, град на 482 километри југоисточно од Манила.
ДПА јавува дека новинарот бил известувач за еден весник на англиски јазик и телевизиска информативна мрежа во Манила, а работел и за агенцијата Ројтерс и придонел за нејзиното известување за војната против дрогата, за која добил Пулицерова награда во 2018 година.
Малабанан гледал телевизија во мала маалска продавница во сопственост на неговото семејство во Калбајог Сити, кога бил застрелан во главата од неидентификуван вооружен маж кој побегнал на мотоцикл управуван од друг осомничен, се наведува во полицискиот извештај.
Полицијата се уште не го идентификувала осомничениот или мотивот за убиството, но неговите колеги веќе изјавија дека Малабанан добивал смртни закани пред да биде убиен.
-Џес многу му помогна на Ројтерс во приказните за војната со дрогата, за што освои Пулицер во 2018 година, изјави Мани Могато, пензиониран дописник на оваа новинска агенција, кој беше дел од тимот од Манила кој работеше на наградените извештаи.
Националната унија на новинари на Филипините соопшти дека Малабанан е 22-от новинар кој е убиен во оваа југоисточна азиска земја откако Дутерте стана претседател во 2016 година.
Филипините важат за една од најопасните земји во светот за новинарите, сметаат групите за слобода на печатот, вклучувајќи го и Комитетот за заштита на новинаритем чие седиште е во Њујорк.