Министерството за правда вчера го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку Министерството за надворешни работи ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти, а судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди 30-дневен притвор на возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешенецот Панче Жежовски.

Од Министерството за правда вчера соопштија дека оригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до ИНТЕРПОЛ.

– Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција, навремено процесуирање и постапување од нивна страна во најкус можен рок, велат од МП.

Барањето за екстрадација што министерот за правда Кренар Лога го потпиша вчера доаѓа по апсењето во Турција на Палевски на 5 декември, по издадената меѓународната потерница на 4 декември.

Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во првичната истрага на Јавното обвинителство беа опфатени уште четири лица, односно соизвршителите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината.

Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого Обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата.

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје вчера го прифати предлогот на Обвинителството, и му одреди 30-дневен притвор и на возачот, Стефан Димковски од Струмица, кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски. Притворот му е одреден поради можност од бегство.

Основното јавно обвинителство Скопје, претходно соопшти дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка за возачот на Палчо.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје предложи притвор и нареди истражна постапка против 27-годишник осомничен за убиство што го извршил вчера во раните утрински часови во к

Како што информираат од ОЈО Скопје, во период од 01.12.2023 година до 03.12.2023 година осомничениот му помогнал на Палевски да не биде откриен за двете кривични дела за кои се товари, обезбедувајќи му превоз со автомобил.

– Сега осомничениот, по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Република Србија, со возило Ланд Ровер со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице се упатил кон Белград. Таму се сретнал со сторителот и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин Калотина. Границата ја поминале на 02.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Р.Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин Капитан Андреево, и влегле во Турција. Таму биле заедно до 03.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин Стар Дојран, велат од ОЈО Скопје.

Оттаму информираа дека за уште едно лице кое беше задржано во полициска станица до ОЈО Скопје е доставено известување, а јавен обвинител оценил дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат.

Станува збор за адвокатот на Палевски, Васко Стојков, кој изјави дека тој лично го однел Палчо во Белград, на преглед, бидејќи немал возило.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, вчера го повика претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги достави доказите што, рече дека ги има за двојното убиство за кое зборуваше во телевизиско интервју за телевизија „Шења“ в среда, каде што изјави дека има големи недостатоци во истрагата за убиствата и дека истрагата почнала доцна.

– Што се однесува на коментарите на лидерот на опозицијата, тој во многу случаи се има поставено како истражител и како обвинител итн., нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави. Меѓутоа прикривање на докази, за коишто вели дека ги има е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството, бидејќи се работи навистина за еден грозоморен чин, којшто е направен од нелуѓе и коишто треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети, изјави Ковачевски.

Во изјава за медиуми по презентацијата на новата лабароториска опрема на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, прашан колку ќе трае екстрадицијата на првоосомничениот Љупчо Палевски од Турција, со оглед на информациите дека може да трае минимум 40 дена, Ковачевски со одговор дека очекува сепак екстрадицијата да биде побрзо реализирана.

Во вчерашното интервју за „360 степени“, пак, тој ги отфрли обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека „власта на СДСМ, водена од партиски интереси, негувала монструозен лик како (Љупчо) Палевски (Палчо), кој прераснал во Франкенштајн“.

– Јас не знам чија креација е Палевски, меѓутоа едно ќе кажам. Ако Палевски е нечиј тогаш е на тие што цела година го организираа, кога мене ми се правеше гилотина. Кој ми правеше јавно судење минатата година тука пред Влада? Кој организираше фрлање молотови коктели врз Министерството за надворешни работи? Кој ја организираше толпата којашто сакаше да влезе во зградата на Владата при усвојувањето на европскиот предлог? Кои луѓе беа таму, се сеќавате? Се сеќавате дека таму беше и тој Палевски што го спомнувате и претседателот на Левица и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, и претставници на медиуми, и еден член на Државна комисија за спречување на дискриминација. Се сеќавате дека јас неколкупати укажував дека има странски агентури коишто го финансираат тоа, а за тоа ќе треба да направите интервју со други лица, не со мене. На пример, со претставници на безбедносни органи. И ако е нечиј тој Палевски, тогаш е на тие коишто цела година тоа го организираа, изјави Ковачевски.

На прашање зошто Палевски не е санкциониран иако, во серијата кривични и прекршочни дела, во мај годинава е фатен како носи пиштол за којшто немал дозвола, Ковачевски вели дека тоа се прашања за истражните и правосудните органи. Посочи и дека „истата таа група“ правела монтирани видеа на „Тик-ток“ и од неговата малолетна ќерка, а праша и што правеле на состаноци со Палевски минатата година поранешен претседател на ЛДП и генералниот секретар на Демократски сојуз.

– Што правел бившиот претседател на Либерално-демократска партија на состаноци со Љупчо Палевски? Што правел генералниот секретар на Демократски сојуз на состаноци со Љупчо Палевски, минатата година? Што правеле на состаноци, за што разговарале… Јас го имам прашано претседателот на Франција, (Мануел) Макрон – дали знае во неговата амбасада во Скопје, какви луѓе се примаат на разговори, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, исто така, вчера од Охрид го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку има докази како што тврди, веднаш да ги предаде на истражните органи.

– Доколку не се предадат тие докази тоа е кривично дело и тоа треба јасно да ни биде на сите, потенцираше Спасовски.

Тој уште еднаш испрати порака да не се политизираат убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски и повика на одговорно однесување од сите.

– Политиканството или што било друго во вакви случаи на убиства мислам дека уште еднаш ги убива жртвите и тоа не е добро затоа што нема никаква цена што може да биде оправдана од ваков вид. Не посакувам да се впуштаме сите во политиканство, туку да се работи сериозно до крај, да се проширува истрагата, да се откријат сите факти и докази и сите тие радикални криминални гнезда како што истакнав мора да бидат разоткриени и целосно уништени затоа што хранењето на таквите луѓе, на мотивите итн., може да предизвикуваат сериозни последици, изјави Спасовски.

Додаде дека се испитуваат многу видови на комуникации што биле изминатиот период и со осомничените и со лица надвор од оваа група.

– Така што сметам дека ќе се дадат и многу други одговори во однос на конекциите итн., кои што биле. Тоа е важно за истрагата за да можат тие радикални структури да бидат целосно разбиени, рече Спасовски.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

За нивното убиство засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот се чека да биде екстрадиран од Турција. ар/са/

Фото: МИА