Пишува: Блаже Миневски

Во српски учебник од 1871 година Македонците биле претставени како посебен народ, односно до 1878 година децата во Србија учеле дека Македонците се друг народ, дека се староседелци на Балканот, опишувајќи ги соседите и границите на етничка Македонија: „Бугарите, на овој полуостров исто така се дојденци, во однос на Македонците, како и Србите.“ Сепак, по 1878, особено по 1903 година, српските ученици почнале да учат дека се Македонците се Срби. Во меѓувреме, Србите и Бугарите жестоко се нафрлиле врз Македонија, праќајќи  вооружени чети, црковни и просветни емисари со цел да се србизира и бугаризира македонскиот народ. А докази за тоа има многу. Во ноември 1904 година, на пример, вооружена чета од осум српски четници, придружена од околу 50 души вооружени селани Македонци, таканаречени србомани, влегува во село Побожје, скопско, го заробува егзархискиот учител Никола Георгиев, дедо му Ивко, стар осумдесет години, Нешо Иванов и Софка Попова, и сите немилосрдно ги тепаат и ги заплашуваат со смрт ако заедно со останатите петнаесет таканаречени бугарски куќи во селото до Свети Никола не станат Срби! Истиот месец, вооружена  бугарска чета влегува во Бардовци и со присила, со тепање и закани бара десетте македонски семејства што одат во таканаречената српска црква да преминат меѓу единаесетте семејства запишани во списокот на Егзархијата. Слични примери има безброј, и сите ја потврдуваат единствената историска вистина дека пропагандите во Македонија жестоко се бореле за секоја македонска куќа, применувајќи најжестоки методи, сила и терор за да ги присилат луѓето да  одат во една или во друга црква, односно своите деца да ги праќаат во српско или бугарско училиште.

Роден како „Бугарин“, умрен како „Србин“!

Според податоци на Егзархијата, на пример, во почетокот на 1904 година односот на егзархиски и патријаршиски куќи, односно меѓу македонските  таканаречени бугарски и  таканаречени српски семејства во Скопје, на пример, бил убедливо на страна на Бугарите. Во градот имало 1663 куќи кои биле под капа на бугарската егзархија а само 43 куќи биле таканаречени патријаршисти, или србомани, како што се запипани во  егзархиските книги за пропагандна евиденција. За разлика од Скопје, состојбата во скопските села била поразлична. Така, на пример, во Кучевишта сите 180 куќи била патријаршиски, односно србомански,  за разлика од  Мирковци, каде 57 куќи биле србомански, а 55 бугаромански. Во Чучер сите 70 куќи била во надлежност на Пеќката патријаршијата, а во Кожле 75 куќи биле под бугарската Егзархија а 15 куќи била таканаречени србомани. Во Бардовци, село кое пред стотина години броело 21 куќа, семејствата била речиси подеднакво поделени меѓу двете пропаганди, односно 10 куќи биле под влијание на Патријаршијата, значи србомански, а  11 биле под влијание на бугарската пропаганда, односно бугаромански, иако, се разбира, сите биле Македонци поделени силум или милум на „Срби“ и „Бугари“ во зависност од тоа во која црква одат на празник, слава, парастос или литургија. Селото Кучково, на пример, имало 70 куќи или семејства, и сите биле припадници на црквата што била под капата на Патријаршијата, односно биле таканаречени србомани. Во Булачани, пак, 24 куќи биле „србомански“ а 75 „бугаромански“, што значи дека Македонците била поделени на „Срби“ и „Бугари“ не по етничка туку по црковна припадност. Во Бањани сите 75 куќи биле србомански, односно целото село било запишано во тефтерите за родени и умрени на таканаречената српска црква во селото. Селаните од  Бањани биле присилени да ја прифатат српската пропаганда, како што во Глумово педесет куќи милум или силум влегле под капата на бугарската егзархиска пропаганда. Во секој случај, самиот тој податок дека црквите ги делеле селата наметувајќи им не само вера во Бога туку и национална припадност според црквата во која припаѓаат, зборува на каков духовен терор биле изложени Македонците кои по укинувањето на Охридската архиепископија немале своја црква па затоа биле принудувани да се приклонуваат кон едната или кон другата пропаганда, станувајќи дел од еден или друг народ, иако припаѓале на исто семејство, односно биле браќа или сестри, кои, благодарејќи на пропагандите, сега  припаѓале на два различни, туѓи народа. Затоа се случувало некој да се роди како „Бугарин“, да умре како „Србин“ а  всушност да биде само Македонец што не смеел да биде Македонец!

Куманово и Тетово биле под контрола на бугарската пропаганда!

Српската пропаганда во Тетовско преку Патријаршијата речиси сосема ги презела верниците, па во сите села, освен во Туденци и Шемшево, сите семејства ги прибрала под своја капа. Во селото Брезно сите 85 семејства, како што вели, биле србомански, односно оделе во црква под српска јурисдикција; во Вратница сите 110 куќи биле патријаршиски, во Сиричино сите 41 куќа биле патријаршиски, односно сите селани што одела во црквата за да ги слават своите христијански празниците, српската пропаганда ги сметала за Срби. Така било и со 48-те семејства во Одри, во Рогачево, Озморишта, Долна Лешница, Горнаци и другите. Само во Туденци, покрај 23 таканаречени српски куќи, имало и дваесет таканаречени бугарски куќи. Во Шемшево пет куќи припаѓале на српската пропаганда а три на бугарската. Градот Тетово, пак, тогаш, на почетокот на минатиот век, бил контролиран од бугарската егзархија, па така 820 христијански  семејства биле под капата на Егзархијата, а  само 200 семејства оделе да ги слават своите верски празници, да се венчаваат и да се погребуваат во таканаречената српска црква. Слична била состојбата пред сто години и во Гостиварската кааза. Во 1906 година таканаречени српски куќи биле три, а бугарски 17!  Каде биле другите? Можеби воопшто не оделе во црква?! И во селата народот бил поделен, односно распнат меѓу двете пропаганди, па така во Зубовци, на пример, 42 куќи биле српски а 52 бугарски; во Леуново – 52 куќи била „српски“  а 40 „бугарски“ куќи, додека во Маврово 35 куќи припаѓале на Патријаршијата а 111 на Егзархијата, што значи бугарската пропаганда во селото била речиси четирипати посилна од српската.

Во градот Куманово пред околу сто и десет години живееле нешто над  илјада христијански семејства, а од нив  850 биле „бугарски“ а  208 „српски“, односно припаѓале на српската црква и српската црковно-просветна пропаганда. Во селата состојбата била обратна – поголем број домаќинства била опфатени со српската пропагандна мрежа. Бидејќи списокот е подолг, овде ќе наброиме само неколку примери за да се види соодносот на пропагандите на теренот. Во селото Старо Нагоричани сите 145 куќи припаѓале на српската црква; Довезенце – сите 85 куќи биле под јурисдикција на  Патријаршијата, односно сите семејства во селото, според српската пропагнда, биле Срби.

Во Табановци во сите 65 куќи  пеел српски поп. Во Клечовце сите 25 куќи била србомански. Во Никуњани сите 80 куќи го славеле Свети Сава како „своја“, српска слава. Во Лопате, Слупчане, Опае, Ваксинце, Отла и Липково заедно, сите 150 христијански куќи, припаѓале на српската црква, односно српската пропаганда. Само во десетина села семејствата била поделени меѓу двете пропаганди, а меѓу нив само во пет имало доминација на таканаречените бугаромани. Така, во Стрезовце имало 22 бугаромански семејства наспроти 14-те кои биле со српска шајкача врз своите македонски глави. Во Бељаковце 30 куќи се молеле пред „српски“ а 47 пред „бугарски“, значи егзархиски поп. Во Пелинце 25 имале српски шајкачи закачени на вратата а на 40 семејства на истото место им виселе бугарски фурашки. Во Челопек само осум куќи била под заштита на српската а дури 68 под закрила на бугарската црква.

„Ако не преземеме мерки прашање на ден е нашиот пораз во цела Македонија“!

Во Крива Паланка пред сто и десет години само две семејсгва биле србомански а дури 255 припаѓале на бугарската егзархиска црква. Во селото Станче биле поделени на половина: тринаесет куќи биле српски а дванаесст куќи бугарски, односно бугарофилски. Во Ранковци само три семејства имале шајкача како национално обележје на народот во чија црква морале да одат со присила а дури 120 оделе во црквата што им велела дека се Бугари. Во Кратовската кааза населението исто така било поделено меѓу двете пропаганди, па во градот Кратово 30 куќи, односно семејства оделе во српската, а 260 во бугарската егзархиска црква. Во селото Злетово дванаесет семејства биле верници на српската црква а 115 куќи милум или силум верувале дека бугарската егзархија е поблиску до Бога и до слободата. Во Татомир, Живалево, Туралево Шталковица, вкупно околу 120 куќи, била таканаречени србомански куќи, значи немало ниту едно семејство што верувало во пропагандата на  бугарските попови. Во Кочанската кааза исто така населението било поделено меѓу српската и бугарската пропаганда, но сепак, што е по малку можеби изненадувачки, доминира српската пропаганда, освен во градот каде што тој однос е 260 егзархиски семејства наспроти само шест патријаршиски.

Според егзархиската евиденција, Штипската и Царевската ( Делчевската, н.з.) кааза се „чисто бугарски“. Двете каази бројат 4.271, како што се вели, „чисто б’лгарски  куќи“. Всушност само за овие две каази Егзархијата немала никакви забелешки, констатирајќи дека во 1904 година во Вардарска Македонија „српската пропаганда под своја контрола и влијание имала 8.244 семејства, а бугарската 23.379 семејства“. Сепак, загрижувачко е тоа, смета Егзархијата, што во Скопската кааза секоја година расте бројот на србомански куќи па сега таа бројка изнесува 3.980 што е за една третина повеќе од српските семејства регистрирани десет години пред тоа. Споредувајќи ги податоците од теренот со жалење констатираат дека во Скопско, Штипско и Царевоселско за последните две години бугарската егзархија изгубила 1.389 семејства, а придобила само 227 семејства, што значи дека „треба да се работи многу повеќе на теренот, па дури и со сила, како што прават Србите.“

А силата на србизмот можела да се види во Горно и Долно Порече, каде што од 39 села со 1.298 куќи само селото Локовица со 110 куќи биле егзархиски. Сите други 38 села биле србомански. Според егзархиските шпионски врски од теренот, Поречието станало „важно стратегиско место за дејствување на српските чети“ кои сега веќе слегуваат и во Прилепско „за да заземаат нов простор за србизмот“ во Македонија: „Ако не преземеме одлучни мерки, прашање на ден е нашиот пораз во цела Македонија“, се вели во анализата на бугарската просветсно-црковна пропаганда направена пред сто и десет години.