Сакам да ја информирам јавноста дека Македонија има стабилна безбедносна позиција, позиција што не може да биде загрозена, оценува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Македонската информативна агенција.

– И институциите што функционираат, и работењето на МВР и на другите институции задолжени за безбедноста, но и соработката што ја имаме на регионално ниво и пошироко, придонесува таа состојба да ја одржиме стабилна, да има безбедност за граѓаните, да има мир и да може Македонија да се развива, вели Спасовски.

Тој зборува и за активностите на разузнавачките служби во Македонија и регионот, како и за отвореното руско мешање во „македонските работи“.

– Во пресрет на референдумот ситуацијата во земјата е стабилна, институциите функционираат, иако постојат сили кои гледаат шанса, преку нарушување на безбедноста, да остварат некакви свои цели, да се спротивстават на нашето членство во НАТО и во Европската унија, смета Спасовски.

Министерот констатира дека, сепак, тоа се минорни сили, сили кои не можат да придонесат за дестабилизација.

– Значи, граѓаните на Република Македонија имаат можност на 30 септември да донесат самостојно одлука за иднината на оваа држава, вели тој.

Реформата на МВР, посебно  на УБК, формирањето на ОТА и ставањето на прислушувањето во строго контролирани законски рамки, или како што Спасовски вели „мора да направиме реформа на умот“, сепак, во моментов се доминантен дел од активностите на овој безбедносен ресор и неговото раководство во моментов.