Фрли солзавец и димна бомба на секој слог од извикот Ма-ке-до-ни-ја. Удрете по македонецот што го крева својот глас поради срамната продажба на сé она што е македонско, име, идентитет, историја, јазик…
Удри братучед по сите нас што ќе го извадиме сонцето од Вергина, влезете по сите домови кои ќе го истакнат ова знаме на својот балкон, на својата тераса. Удрете по нас и кога ќе се наркуваме Македонци, а не северомакедонци, таман долго најавуваниот попис ќе ви биде од корист за да не преброите точно колку македонци сме, кои сме и што сме. Изградете посебно крило по затворите за сите нас што нема да ви го почитуваме договорот, за сите нас што ќе се декларираме како Македонци.
Нашите предци преживеале многу погроми и егозуси, ќе го преживееме и ние овој етноцид и насилната асимилација оркестрирана од големите сили, а во изведба на својот ближен – од нас самите од нашата Влада.
Колку и да е агресивна кампањата која ја спроведувате, историјата се засновува на факти, а фактите се дека Заев и неговата Влада прифатија срамна капитулација, прифатија самоукинување на сопствениот народ. Го завршија започнатото од Втората Балканска Војна кога со Букурешкиот договор го поделија ова парче земја помеѓу Грција, Бугарија, Србија и Албанија. Го завршија егзодусот на македонското малцинство започнато од Грција уште со Грчката граѓанска војна, со тоа што самите се откажаа од Македонците кои што живеат не само во Грција туку и секаде во светот, а најголемата иронија е што парафот за тоа го стави Димитров кој има егејско потекло.
И колку и да се трудите поразот да го претставите како победа, дека еве сега конечно Македонија ќе тргне напред, ќе се појават виножита и розеви еднорози и сите ќе живееме среќно и весело за секогаш до крајот на светот и векот суровата реалност е дека ништо од тоа нема да се случи. Нема да бидеме побогати, нема во догледно време да добиеме препорака за отпочнување на преговори за влез во ЕУ, нема да добиеме 500 евра плата итн. Она што е извесно дека ќе се случи е дека Македонија односно втората страна ќе си го испочитува својот дел од Договорот, ќе смени Устав, пасоши, лични карти, дипломи, ќе ревидира историја односно ќе ги исполни сите точки на договорот и таман ќе дојде време Грција да го ратификува Договорот и да удри мур, ќе имаме дигање на рачна, ќе имаме неприфаќање на договореното од страна на некоја идна Влада на Грција, како што веќе впрочем Каменос од Неа Демократија најави.
Со оглед на тоа што според напишаното во Договорот спорот не е затворен и решен, треба да очекуваме дека и понатаму ќе имаме сопки затоа што тогаш ќе смета Македонија во називот Северна Македонија, фамозно сочуван идентитет Македонец/граѓанин на Северна Македонија исто така ќе биде пречка за наше интегрирање во ЕУ или кај се не па ќе се најдеме во ситуација некој нов Заев да преговора и договра како да станеме Централна Балканска Република и тоа да го прикаже како уште голем победа на македонскиот народ на патот на космополитизмот.
Затоа удри братучед, удри и појако ако треба ама ние никогаш нема да се откажеме од Македонија и македонизмот. Македонија била, е и ќе биде.
М-р Мартина Антиќ