Кога во 1913 година бил потпишан Букурешкиот мировен договор, изгледало дека работата е запечатена. Македонија ја нема и со тоа македонското прашање е решено. До тој степен што наредната година, на 11 септември 1914-та, Крсте Петков Мисирков бара од рускиот министер за надворешни работи С.Д. Сазонов да се заложи за автономна Македонија, која потоа би влегла во состав на санстефанска Бугарија. Подобро и такво решение, во кое Македонија би останал целосна, отколку поделена и да ја нема:

„По создавањето на независна Македонија, најдобро решение на македонското прашање е обновување на Санстефанскиот договор со вклучување во составот на Бугарија на сите делови на Македонија што влегуваа во составот на санстефанска Бугарија“, пишува Мисирков до Сазонов.

Да сте му кажеле тогаш дека за три децении ќе се формира македонска држава со македонски народ, макар само на српскиот дел од Македонија, веројатно ќе ви се насмеал в лице: Што зборува овој?

Кога Германија ја напаѓа Југославија во 1941 година, делови од југословенската кралска војска биле пратени да го бранат тромеѓето меѓу Југославија, Бугарија и Грција. Под нив било непрегледното поле од грчка страна по кое, по извесно време се појавиле тенкови. Војниците, гледајќи ја силата која им се приближува, едноставно ги фрлиле пушките и побегнале. Да им кажел некој во тоа време, дека само четири години подоцна, Германија ќе биде на колена, веројатно би му се насмеале в лице велејќи: Што зборува овој?

Една година пред тоа, француската војска е збришана за само неколку недели, а нејзината славна Мажино линија за која биле потрошени милијарди франци обезбедени со отштетата од Германија по Првата светска војна, едноставно била заобиколена. Британците панично бегаат кај Денкрик. Во октомври наредната година, германската војска се наоѓа пред Москва, Ленинград е опколен, на Јужниот фронт речиси и да нема сериозен отпор. Моќниот СССР е на колена. Да кажел некој во тоа време дека за само четири години, советски војник ќе постави знаме на Рајхстагот, дека американски и советски војник ќе се ракуваат во срцето на Третиот рајх, а потоа ќе го делат Берлин, веројатно би му се насмеале в лице и би му рекле: Што зборува овој?

А, можеби и не требаше да одиме толку наназад? Се сеќавате ли (вие постарите) на оној извештај на ЦИА од 1989 година, кој „случјно“ беше објавен од страна на „истражувачките“ новинари какви што ги имаме и денес, а кој велеше дека за 18 месеци СФРЈ ќе се распадне. Што зборуваат овие, велеа Југословените тогаш? Југославија да се распадне, социјализмот да исчезне? Невозможно. Кратко после тоа, почнаа да работат ножевите.

Работите во светот се менуваат. Има нешта кои не се поправаат, па така, Егејска Македонија никогаш веќе нема да може да биде ни македонска, ни бугарска, ни османлиска. Грците ја завршија работата така што етнички ја исчистија. Србите не го сторија тоа, и само три децении по Балканските војни и по Букурешкиот договор, кога Мисирков сметал дека работата е очајна, работите се смениле. Нешто помалку од педест години по АСНОМ, федералната единка стана дури и самостојна држава. Рака на срце, не затоа што така сакаа Киро Глигоров, Петар Гошев или јуношот Бранко Црвенковски и неговата компанија. Но, тоа не е ни битно. Македонија стана независна, макар само формално, а да сте му кажеле некому во 1913 година дека тоа еден ден ќе се случи, веројатно би добил одоговор кој веќе го знаете.

Значи, работите се менуваат. Или можат да се сменат. Некогаш нема да се даде таква можност, некогаш е обратно.

Денешниот договор со Грција изгледа дека ја запечатува судбината на денешна Македонија. На оние 37 отсто од некогашната Македонија на кои, благодарение на тоа што Србите не постапија по грчки терк, можеше да се формира држава. И само од овие редови би требало да ви стане јасно дека овој пат работата е многу посериозна, бидејќи пак имаме работа со Грците, кои обично, освен кога станува збор за задолжување на нивната држава, не ги оставаат работите недоврешени и на случајности. Република Македонија имаше некакви шанси, бидејќи се додека таа постоеше, ќе беше потребна како една целина. Нејзината поделба не би била од полза никому, бидејќи во таков случај повторно ќе останеше еден дел од сегашната Република Македонија кој ќе се нарекуваше со исто име и со мнозински македонски народ, но без Албанците внатре, како средство кое може да служи за уценување и плашење на Македонците.

Наспроти ова, сега веќе нема потреба Северна Македонија да биде една целина, и таа ги има сите шанси да се распадне. Прашањето е дали ова може да се спречи?

Договорот со Грција секако ќе помине. Постојат неколку варијанти за тоа, основната е со реферндумот, после што нема биде битно дали Заев има 80 пратеници и дали Иванов потпишал или не.

Но, ништо на светот не може да успее, ако зад тоа нешто стои народ. Ако тој опстане, ако тој издржи како македонски, тогаш работите се менуваат. Има утописки варијанти, како на пример, да се одбие да се вадат нови документи, но тука ќе потклекнеме веќе на првиот чекор кога ќе отидеме в банка или кога ќе имаме потреба од било која институција. Така што тие опции не се вредни. Тоа што е вредно е само да се опстои на чувството и да се смени оваа банда. Ниту една капитулација не е трае вечно. Потоа, се зависи од тоа дали ќе имаме нова влада која ќе глуми простување или ќе се справи со сите оние кои учествуваа во предавството. Или тоа ќе го решиме или пак ќе ни се повторуваат истите приказни. За почеток, треба да се спречи пропагандата во која Северномакедонците сега се супериорни. Можно ли е тоа? Ајде да видиме.

Дарко Јаневски