Од завчера „предвидените провокатори и провокации“ вчера се случија на масовниот протест против прифаќањето на францускиот предлог во Скопје, во кој полицијата брутално се пресмета со дел од демонстрантите.

Јавноста е ужасната од синоќешната полициска бруталност пред Собранието на Република Македонија.

На видеото објавено од Инфомакс се гледа како полицаец брутално тепа младо момче, кое според репортерот на Инфомакс не ни било дел од протестот, туку одел кон работното место.

Момчето во еден момент не можеше да дише, а од толпата народ се слушаа пискотници поради страв дека полицаецот ќе го задуши момчето!

Oперскиот пејач Игор Дурловски реагираше на неговиот Фејсбук профил.

– Секој крај е ваков. Полиција против народ!- напиша Дурловски на Фејсбук.

Власта, пак, како што од вчера „предвиде“ ги брои повредените кај полицијата. Министерството за внатрешни работи доцна синоќа информира дека се повредени 47 полициски службеници од кои 11 потешко, а двајца имале сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им била укажана лекарска помош, а потешко повредените биле пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.

За време на протестот оштетени биле и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени биле и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено била и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

– Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции, се наведува во соопштението од МВР.

Оттаму информираат дека се приведени 11 демонстранти и дека за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

– МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон  македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, велат од МВР.

Недостапно е утрово видеото кое синоќа кружеше на социјалните мрежи, на кое се гледа и слуша како момче притиснато под полицајците на земја, моли да не биде задушено од бруталноста.

Прогнози дека ќе се случат провокации на протестите, со уфрлени провокатори во редовите на народот кој мирно протестира, вчера и завчера објавија неколку политички партии.

Видео за интервенцијата на полицијата кое може да го отворите ТУКА доколку не биде избришано од тие што ја „креираат вистината“ во Македонија.