Најдобрата македонска судијка, Ивана Пројковска ќе биде главен судија на финалето меѓу Франција и Германија од Европското првенство за девојки до 19 години кое се одржува во Шкотска, соопштија од ФФМ.

Пројковска e во првата категорија на судии во УЕФА.

Таа во фазите од групи ја делеше правдата на натпреварите помеѓу Англија и Германија (1:2) и помеѓу Франција и Норвешка (3:3), додека во полуфиналниот меч помеѓу Германија и Холандија (3:1) беше четвртиот судија.

Добивајќи ја довербата на УЕФА да биде главен судија на финалето помеѓу Германија и Франција, Пројковска го заработи најголемото признание во нејзината судиска кариера. Натпреварот ќе се одигра на 28. јули (недела) со почеток во 17:00 часот, може да се проследи во живо на www.uefa.tv. Помошници на Пројковска во финалето ќе ѝ бидат Каролин Калвоја од Естонија и Александра Теодора Апосту од Романија.

Претходно беше дел од завршницата на континенталните собири во Исланд и Словачка.