Реваншот од осминафналето од Лигата на шампиони меѓу Барселона и Наполи ќе се игра на „Камп Ноу“, и покрај растот на бројот на заразени со коронавирус во Каталонија. Ова беше причината претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис да каже дека би било соодветно натпреварот да се одржи во Португалија или Германија, но УЕФА не се согласи.
– Постојано ја следиме ситуацијата и сме во контакт со надлежните органи. Натпреварот ќе се игра во Барселона, како што беше планирано, се вели во специјалното соопштение на УЕФА.
За европскиот штаб, приоритет е да се обезбеди здравјето на сите оние кои ќе бидат вклучени во натпреварот. Во оваа фаза не се планира натпреварот да се одржи на неутрален терен, како што сака Наполи.
Реваншот меѓу Барса и италијанскиот клуб е на 8 август. Првиот натпревар заврши 1:1.