Според ексклузивните информации што ги објави познатиот спортски новинар Дејвид Орнстин од The Athletic, УЕФА и американскиот гигант за спортска опрема и колекционерски предмети Fanatics (сопственик на познатиот бренд Topps) се согласиле да ја продолжат соработката за уште 6 години, поточно до 2033 година.
Главната и најинтересна новина што ја носи овој договор е т.н. Debut patch. Имено, сите фудбалери што ќе го направат својот прв, историски настап во елитното клупско натпреварување од оваа сезона ќе носат посебна лепенка на својот дрес.
По завршувањето на натпреварот, оваа значка ќе биде внимателно отстранета од дресот и вградена во уникатна колекционерска картичка на Topps (т.н. серија 1-of-1) што играчот лично ќе ја потпише.
Овој иновативен концепт веќе постои и е исклучително популарен во американскиот спорт, особено во НБА, каде што ваквите картички со значка од дебитантски натпревар се продаваат за нереални суми.
Колку е профитабилен овој пазар најдобро покажува фактот што се проценува дека една таква НБА картичка со „дебитантска значка“ ќе достигне неверојатна цена од 5 милиони долари на аукција следната недела.
Замислете само колку би можела да вреди во иднина уникатна картичка со вистинско, истрошено парче од дресот на ново „чудо од дете“ од неговиот прв натпревар во Лигата на шампионите.
Овој потег претставува јасна стратегија на УЕФА и Fanatics да го искористат брзо растечкиот пазар за спортски сувенири, додека навивачите и најбогатите колекционери во светот ќе добијат можност буквално да поседуваат дел од фудбалската историја.




