Зголемување на водостојот на реките и локални комунални проблеми во градските урбани средини може да предизвикаат најавените врнежи попладнево, кои според синоптичарите, на повеќе места можат да бидат поројни. Особено да се внимава доколку овие интензивни врнежи паднат во предели каде веќе неколку денови врне и каде почвите се влажни и заситени со влага, предупредуваат од УХМР.
Оттаму ги посочуваат Скопскиот, Кумановскиот, Криво-Паланечкиот, Кратовскиот и Тетовскиот регион како области каде е потребна поголема внимателност.
Од УХМР препорачуваат внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и претпазливост на оние места каде се очекуваат поинтензивни врнежи од дожд.
– Соодветно на најавата на синоптичарите дека попладне ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен пороен дожд и грмежи, а на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд за кратко време (над 30 l/m2), грмежи и град, би сакале да ве информираме дека доколку процесите бидат интензивни и доколку на одредени места локално за кратко време наврнат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано зголемување на водостојот на малите реки и суводолиците, каде на одредени локации можно е да се јават локални проблеми, соопштуваат од УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време со повремен пороен дожд и грмежи, особено во источните делови од државава. Локално ќе има услови за краткотрајно невреме, информираат од УХМР.
Минималната температура ќе биде од 13 до 21, а максималната од 23 до 33 степени.
УХМР најавува дека за време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а повторно дестабилизирање се очекува од вторник.
Фото:МИА архива