Под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север, денеска ќе настапи позначителна промена на времето.
-Од утринските часови најпрвин во северните делови ќе има повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува силен ветер, наместа над 70 километри на час кој ќе продолжи и во текот на утрешниот ден. Дневната температура значително ќе се намали – денеска за 6 до 8, а утре уште за дополнителни 4 до 6 степени, соопшти УХМР.
Промената на времето што почна ноќеска од запад каде што облачноста постепено се зголеми. И во Скопје облачноста се зголеми во текот на ноќта.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, во вторник и среда времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
-Од четврток се очекуваат нови врнежи од дожд, најавува УХМР.
Најниска темепратура од 9 степени Целзиусови утрово се измерени во Берово и Попова Шапка, додека 16 степени во Дебар, Охрид, Велес, Скопје-Зајчев Рид и Кавадарци.
Во Лазарополе измерени се 10 степени, 11 во Маврови Анови, 12 во Крива Паланка, 13 Струмица, Крушево, 14 Битола и Демир Капија, 15 степени Целзиусови во Штип, Скопје-Петровец, Куманово, Претор, Прилеп, Гевгелија и Виница.
УХМР соопшти дека за изминатите 24 часа до 08 часот (во l/m2) наврнат воден талог има 4 литри на метар квадратен во Дебар, 3 во Крива Паланка, Попова Шапка, Тетово и Лазарополе, 2 во Охрид и еден во Крушево, Маврови Анови, Куманово и Скопје – Зајчев Рид.
Во текот на ноќта времето беше променливо облачно, а од раните утрински часови има локални врнежи од дожд. Дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Во утринските часови поголема облачност има во централниот и источниот дел од земјата.