Врнежите во текот на изминатите 24 часа предизвикаа зголемување на водостојот на реките низ земјава, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Најголемо зголемување на водостојот, како што посочуваат од УХМР, има на реките во западниот дел од земјата односно во сливот на реките Радика, Сатеска, водотеците од планинскиот масив Шар Планина, Црн Дрим и Црна. Иако врнежите во источниот дел од земјата не беа толку обилни како во западните, сепак и таму водостоите на реките се надпросечни за овој период од годината, особено во сливот на реката Пчиња (заедно со притоките), како и на реката Струмица.

Врнежите од дожд продолжија и во текот на утрото и се уште траат, така што се очекува натамошно зголемување на водостоите на реките, кои особено во западните и северо-западните делови се очекува да ги полнат речните корита. Исто така, можни се и локални излевања на реките особено во сливот на реките Радика, Сатеска, Црн Дрим, Коселска и Голема (Ресенска), Треска (во Кичевско како на нејзините помали притоки), како и на помалите реки и суводолиците во тетовско-гостиварскиот крај и Полошката котлина, информираат од УХМР и предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во посочените сливни подрачја поради можност од нивно локално излевање, како и на сите останати водотеци во земјата, а посебно на тие во западните и северо-западните делови.