Од 1 јануари следната година Управата за јавни приходи електронски ќе ги селектира даночните обврзници кај кои ќе се врши контрола. Селекцијата ќе ја врши системот за проценка на ризик што ќе се користи во генералниот даночен инспекторат на УЈП за одредување на ризични даночни обврзници, а кој беше денеска презентиран во Управата за јавни приходи.

– Со овој систем се обезбедува објективна селекција на даночните обврзници за контрола при што значително ќе се намали човечкиот фактор, а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночните обврзници за контрола, рече директорката на УЈП Сања Лукаревска на денешното предавање на системот, што е донација од Австриската агенциај за развој и австриската фирма „wedoIT solution“.

Таа појасни дека системот содржи критериуми за ризик, што се всушност софтверски имплементирани правила врз основа на кои се генерира листа на ризичните обврзници на контрола.

-Овие правила се сет математички и логички алгоритми што вршат споредба и впарување на расположливите податоци од базата на податоците на УЈП, а се изготвени врз основа на најдобрите меѓународни практики и искуства адаптирани на македонскиот даночен систем, истакна директорката.

Таа оцени дека со овој систем ќе се намалат неефикасните контроли на УЈП, односно даночните обврзници помалку ќе бидат оптоварени со непотребни контроли на УЈП.

– Системот за проценка на ризик претставува моќна алатка со која значително ќе се унапреди функцијата надворешна контрола што е чекор напред во остварување на стратешките реформски приоритети на УЈП, односно создавање модерна и развиена даночна администрација со фокус на доброволната усогласеност кон даночните обврзници, рече Лукаревска.

Ваков систем користат речиси сите модерни даночни администрации и истиот претставува основна алатка на функцијата проценка на ризик.

Најголем дел од земјите од регионот или веќе користат или се во фаза на развивање на истиот.

Од утре системот ќе се тестира во реални случаи, односно ќе се користи за селекција на даночни обврзници за контрола, а од 1 јануари ќе биде во редовна употреба како основен, но, како што рече директорката, не и единствен механизам за селекција на даночните обврзници за контрола.