Американскиот претседател Џо Бајден денеска најави нешто помалку од три милијарди долари нова помош за поддршка на воените напори на Украина.

Нарекувајќи ја „најголема транша безбедносна помош досега“, Белата куќа соопшти дека ќе обезбеди оружје и опрема во вредност од 2,98 милијарди долари.

– Ова ќе и овозможи на Украина да се здобие со системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи и муниција, противбеспилотни воздушни системи и радари за да се осигура дека може да продолжи да се брани долгорочно, се вели во соопштението.

Објавата е темпирана да се совпадне со Денот на независноста на Украина, додаде Белата куќа.

Претходно денеска од Стејт департментот беше објавено дека Украина продолжува да извезува житарици и други прехранбени производи во светот:

Украина сега извезува речиси исто толку жито како и пред руската инвазија, изјави висок претставник на американскиот Стејт департмент .

-Благодарение на интензивната меѓународна соработка, Украина е на пат да извезе речиси 4 милиони тони земјоделски производи во август, изјави изворот за западни медиуми.

Министерството за земјоделство на Украина вчера соопшти дека вкупно 33 товарни бродови со повеќе од 720.000 тони прехранбени производи ја напуштиле земјата согласно договорот меѓу Киев и Москва, кој со посредство на ОН и Турција ги деблокира украинските поморски пристаништа.

Според Заедничкиот координативен центар во Истанбул, кој го следи спроведувањето на договорот, од постигнувањето на договорот од три украински пристаништа на Црното Море се извезени вкупно 721.449 тони житарици и прехранбени производи.

Западните земји во Украина носат оружје, а од Украина низ светот се транспортира украински прехранбени производи.