„Највредната работа во војната е борбеното искуство. Војник кој преживеал шест месеци борба и војник кој дошол од полигон се двајца различни војници. Тоа е небо и земја“, вели заповедникот на 46. воздушна бригада, кој на новинарот му се претставил со своето воено име Купол, во склад со украинскиот воен протокол.

„Има малку војници со борбено искуство. За жал, сите се веќе мртви или ранети“, додал Купол.

Квалитетот на украинската војска, кој западните експерти го сметаат за значајна предност во војната со руските трупи, е сериозно деградиран во текот на минатата година поради големи загуби.

Многу најискусни борци веќе не се на бојното поле, што принудило некои украински службеници да ја доведат во прашање подготвеноста на Киев да ја започне долгоочекуваната пролетна офанзива, пишува „Washington Post“, во анализата на ситуацијата на бојното поле.

Американските и европските службеници, на кои се повикува американскиот весник, проценуваат дека од почетокот на рускиот напад на Украина во февруари минатата година до сега се убиени или ранети околу 120.000 украински војници. Овие извори истовремено тврдат дека на руската страна настрадале дури 200.000 луѓе.

Украина ги крие своите бројки на жртви, дури и од своите најверни западни сојузници.

Приливот на слабо обучени и неискусни борци, кои се доведени да ги пополнат редовите и да ги надоместат загубите, го промени профилот на украинските сили. Освен тоа, украинската војска нема доволно муниција, посебно топовски и минофрлачки гранати, пишува „The Washington Post“.

Таквите мрачни проценки го зголемиле опипливиот, иако во главно неизговорен песимизам од првите линии до Киев.

Неспособноста на Украина да ја изведе толку очекуваната контраофанзива предизвикала нови критики дека Соединетите Американски Држави и нивните европски сојузници предолго чекале, сè додека силата на украинската армија не опаднала, пред да пристигнат најавените тенкови.

Ситуацијата на бојното поле сега можеби не дава целосна слика за украинските сили бидејќи Киев одвоено обучува трупи за претстојната контраофанзива и намерно не ги праќа во моменталните борби околу Бахмут, тврди еден американски службеник.

Од друга страна, Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, вели дека состојбата на украинските не го намалува неговиот оптимизам во поглед на претстојната контраофанзива.

„Не мислам дека го исцрпивме сиот свој потенцијал. Мислам дека во секоја војна доаѓа време кога мора да подготвите нови кадри, што и се случува“, рекол Јермак.