Украина го пополни прашалникот кој ќе биде појдовна точна на процесот на присоединување кон ЕУ, изјави Игор Жовква, заменик-шефот на кабинетот на претседателот Владимир Зеленски.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, му го предаде прашалникот на Зеленски за време на посетата на Киев на 8 април, ветувајќи напори за забрзување на членството на Украина во ЕУ по руската инвазија.

„Денеска можам да кажам дека украинската страна го комплетираше документот“, изјави Жовква синоќа за украинскиот јавен сервис.

Тој додаде дека Европската комисија ќе мора да издаде препорака за почитување на Украина со неопходните критериуми за членство.

„Очекуваме препораката да биде позитивна, а потоа топката ќе биде на страната на земјите-членки на ЕУ“, истакна тој.

Според него, очекувањата на Киев се дека Украина би можела во јуни да добие статус на земја-кандидат за пристап во ЕУ.