Фудбалската репрезентација на Велс се квалификуваше на Светското првенство кое зимава ќе се одржи во Катар, откако во финалниот плејоф во Зоната Европа со 1:0 ја совлада селекцијата на Украина во неделата пред 30.000 гледачи на својот стадион „Кардиф сити“.

Единствениот погодок на натпреварот всушност беше автогол на капитенот на Украина, Андриј Јармоленко во 34 минута. Тој се обиде да расчисти еден силен директен удар на Герет Бејл од слободен удар, но ја сврти топката во сопствената мрежа.

Велшаните одиграа многу мотивирано во првиот дел, пропуштија низа одлични шанси, а покрај погодокот Бејл имаше и две големи можности за гол, а неговите соиграчи еднаш ја погодија и гредата.

По одморот играта речиси целосно се префрли на половината на Велс. Украина дуелот го заврши со дури 24 удари од кои 9 директно во противничкиот гол, но нејзините играчи не успеаја да ја затресат мрежата на домашните.

Натпреварите од плејофот со учество на репрезентацијата на Украина требаше да се одиграат во март, но тие беа одложени поради војната во земјата. Во полуфиналето на мини-турнирот, Велшаните ја победија селекцијата на Австрија со 2:1, а Украинците на гости репрезентацијата на Шкотска со 3:1.

Така Велс стаса до финалниот турнир на светските првенства првпат по 1958 година, кога стаса до четвртфиналето. По пауза од 64 години, сегашната генерација на островските „Змејови“ по третпат ќе игра на големо натпреварување, по настапите на европските првенства во 2016 и 2020 година.

Во Катар, селекцијата на Велс во групната фаза ќе игра островско дерби против Англија, а во истата Група Б се уште и репрезентациите на САД и на Иран.