Украина продолжува со напади врз цели на руска територија, а во последниот напад повторно е погодено складиште на најголемата руска компанија за тргување онлајн „Вилдберис“.

Складиште на компанијата било опожарено при напад со дронови во западнорускиот град Пенза, соопшти гувернерот на регионот, Олег Мелниченко.

Едно лице е повредено во нападот, а околу двеста луѓе биле евакуирани од објектот. Инцидентот се случи само еден ден откако компанијата, која во последните месеци често е цел на украински напади, евакуирала уште едно свое складиште во централна Русија.

Нападите врз објекти на „Вилдберис“ е дел од украинската кампања со цел да ја приближи војната до секојдневието на обичните руски граѓани. Во последните месеци Украина, покрај логистички објекти, напаѓаше и енергетски постројки и рафинерии, што дополнително ја продлабочи кризата со горивата во Русија.

Од „Вилдберис“ соопштија дека во нападите се уништени околу десет отсто од складишните капацитети на компанијата, што резултира со загуби и кај десетици илјади претприемачи кои ја користат платформата за продажба на свои производи.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта руските системи за противвоздушна одбрана пресретнале и уништиле 258 украински беспилотни летала.

Според наводите на Министерството, дронови биле соборени над регионите Белгород, Брјанск, Воронеж, Волгоград, Пенза, Ростов и Тамбов, како и над Краснодарскиот крај, Крим, Република Адигеја и акваторијата на Азовското и Црното Море.