Покривот на специјалниот објект Бр.1 на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина а која е под контрола на руските сили, е пробиен во гранатирање од страна на украинската војска, изјави во понеделникот претставникот на привремената проруска администрација на регионот Запорожје, Владимир Рогов.

„Во овој објект се складира свежото гориво за реакторите на Запорошката нуклеарна централа“, објави Рогов на Telegram приложувајќи фотографија од, како што тврди, пробиениот бетонски покрив на складиштето.

Како што извести во посебна објава привремената проруска администрација на Запорожје, украинската војска го извршиле овој артилериски напад со хаубица „М777“ од американско производство, од позиција близу Никопол од спротивниот брег на реката Дњепар. Претходно во саботата руската војска објави дека во близина на близина на местото Марганец, во регионот Дњепропетровск во југоисточна Украина, била уништена е хаубица со долг дострел од моделот „М777“, од кој украинската војска, исто така, ја гаѓала нуклеарната централа Запорожје.

Запорошките власти наведуваат дека надлежните служби ја имаат контролата над ситуацијата, како и дека нивото на радијацијата во моментов е во рамките на нормалата.

Претходно денеска Рогов изјави дека локалните проруски власти ги подготвиле сите докази за украинските напади врз нуклеарката коишто ќе бидат предадени на меѓународната експертска група на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), која се очекува деновиве да пристигне во Запорожје. Според него, вооружените сили на Украина изминатите денови секојдневно ги гранатираат блискиот град Енергодар и територијата на нуклеарната централа. Во неделата, тврди тој, противвоздушната одбрана соборила американски дрон-камиказе кој паднал на покривот на заштитниот објект на нуклеарката, каде се складирало веќе потрошеното реактивно гориво.

Според весникот The Wall Street Journal, инспекцијата на стручњаците на IAEA ќе биде спроведена од 31-ви август до 3-ти септември, откако Русија пред две седмици побара меѓународна инспекција на објектот.

Според Михаил Улјанов, постојан претставник на Русија во меѓународните организации чиишто седишта се во австриската престолнина Виена, меѓу кои и е и IAEA, мисијата веќе заминала за регионот Запорожје. Делегацијата се состои од „приближно петнаесетина соработници на секретаријатот на IAEA, вклучени во нуклеарната безбедност“. На патот до локацијата тие ќе бидат придружувани од тим на Обединетите нации.