Унгарија ќе формира антикорупциско тело и работна група со претставници на невладини организации кои ќе го следат трошењето на средствата од Европската унија, се наведува во уредбата на Владата во Будимпешта објавена синоќа во службениот весник.
Таквиот потег на Будимпешта има за цел да ги ослободи средствата од ЕУ, блокирани поради несогласувањата на Владата на националистичкиот премиер Виктор Орбан со Брисел по прашања од сферата на корупцијата, миграцијата, правата на ЛГБТ заедницата и демократските стандарди.
Европската комисија сè уште не ѝ одобрува на Унгарија да ги повлече парите наменети за економско закрепнување од пандемијата на коронавирусот, обвинувајќи ја Владата на Орбан дека го поткопува владеењето на правото. Унгарија истовремено се соочува со казни од Европската унија за истите прашања, вклучително и практиката на спроведување јавни тендери што не ги исполнуваат антикорупциските мерки.
Владата на Унгарија до 30 септември пред Парламентот ќе го претстави предлог-законот за независното антикорупциско тело, што се очекува да биде формирано до 21 ноември.
Новото тело ќе мора да реагира доколку унгарските власти не преземат доволно чекори за „спречување, истрага и решавање на случаи на измама, судир на интереси, корупција или други злосторства и злоупотреби“ при трошењето европски пари, се наведува во декретот.
Владата ќе формира и работна група што ќе го советува антикорупциското тело. Половина од членовите на групата ќе бидат претставници на Владата, а останатите ќе бидат од невладини организации.
Унгарската Влада последните месеци беше под зголемен притисок за постигнување договор со Брисел, поради падот на вредноста на форинтата и продолжен раст на инфлацијата.
Гергели Гуљас, шеф на Кабинетот на премиерот Орбан, минатиот месец соопшти дека Унгарија до крајот на октомври ќе измени неколку закони критикувани од Европската комисија доколку биде постигнат договор за финансиската помош од ЕУ. Гуљас нагласи дека Унгарија ќе создаде „најстрог и најтранспарентен систем за следење на користењето на фондовите на ЕУ и на договорите за јавни набавки“.