Неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Европска Унија денеска беше во најголема мера посветен на конфликтот помеѓу Израел и Палестина. Само Унгарија не сакала да застане зад позицијата на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова попладнево на прес-конференцијата го потврди високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, кој првично најави дека 26 од 27 земји ги поддржале неформалниот заклучок со кој се осудува насилството од двете страни и оти Израел има право да се брани, но дека тоа мора да го прави на пропорционален начин и согласно меѓународното хуманитарно право.
За потсетување од почетокот на ескалацијата на насилството таргетирани се цивили, а животот до сега го загубиле најмалју 59 деца, мнозинството од палестинска страна.
– Како што можете да претпоставите станува збор за Унгарија, јас сакав сите да се согласиме за насоката на овие заклучоци и тешко ми е да разберам зошто не можеа да се согласат, но морам тоа да го нотирам, изјави попладнево шефот на европската дипломатија и претседавач на Советот за надворешни работи, Борел.
Овој Совет бидејќи беше неформален не произведе формални писмени заклучоци, но е клучна платформа за обликување на заедничка надворешна и безбедносна политика за ЕУ. Фактот што состанокот беше неформален требаше да помогне да се изнајде консензус помеѓу сите земји членки, но Будимпешта не отстапи ниту денеска.
Борел повика веднаш да престане насилството на Блискиот Исток и да се оди кон трајно политичко решение.
– Приоритет е веднаш да запре насилството и да се спроведе прекин на огнот, да се заштитат цивилите и да се дозволи целосен хуманитарен пристап до Газа, порача Борел.
Тој исто така апелираше да престанат иселувањата во населбата Шејк Жара, каде започна насилството откако Израел даде зелено светло за протерување на палестинските семејства и покрај фактот што ова е забрането согласно меѓународното и европското право.
– Итно е да сопре насилството, премногу пати до сега се случило, истовремено инсистираме дека статус квото не е опција, се додека нема мир нема да има стопроцентна безбедност, во минатото секој пат се уривала Газа и повторно се градела, ЕУ денеска кажа нешто важно, а тоа е дека мораме да одиме кон политичко решение, изјави шефот на ЕУ дипломатијата кој изрази надеж дека со новата американска администрација се отвора повторно простор за ангажман како од Брисел така и од Вашингтон во регионот.
На прашање дали ЕУ може да бара отчетност за таргетирањето на цивили како злосторство против човештвото, Борел рече дека за ова нема согласност во ЕУ, но инсистираше на тоа дека реченицата од неформалните заклучоци која гласи дека Израел има право да се брани, но на пропорционален начин и во согласност со меѓународното хуманитарно право е „важна реченица“ според него.