„Нападите без преседан на Брисел врз Унгарија следуваа само затоа што заштитата на децата и семејствата останува наш приоритет, и во тој поглед не сме подготвени да дозволиме ЛГБТК лобија да влезат во нашите училишта и градинки, напиша на Фејсбук унгарската министерка за правда Јудит Варга.
Владата во Будимпешта, исто така, одговори на „непристојните напади, како и на извештајот на Комисијата за владеење на правото“, додаде таа во постот објавен доцна синоќа на англиски јазик, пренесуваат унгарски медиуми.
Таа оцени дека изворите во Извештајот на ЕК се еднострани и политички пристрасни и оти извештајот ги одразува двојните стандарди кон Унгарија, „поради што тие наоди се неточни“.
Во јули, во Унгарија стапи во сила контроверзниот закон за забрана на материјали што може да се сметаат за промовирање на хомосексуалноста или промена на полот на малолетници, и покрај тоа што многу земји-членки на ЕУ се залагаат за еднакви права на лезбијките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица (ЛГБТ). Унгарскиот парламент претходно донесе закон со кој се забранува „прикажување или промовирање“ на хомосексуалноста или промена на полот во телевизиски емисии, филмови и програми за сексуално образование на деца во училиштата.
Кон средината на минатиот месец, Европската унија отвори правна постапка против Унгарија и Полска поради дискриминација на припадниците на ЛГБТ заедницата. Во соопштението на Европската комисија е наведено дека нејзинините постапки против Унгарија се поврзани со новиот закон со кој се „забранува промовирање на хомосексуалноста на малолетници“ , што според многумина во Унијата претставува напад на правата на ЛГБТ лицата со стигматизација на сексуалните малцинства и задушување дискурс за сексуална ориентација.
„Комисијата започнува постапки за повреда на Унгарија и Полска во врска со еднаквоста и заштита на основните човекови права. Двете земји-членки сега имаат рок од два месеци да одговорат на аргументите изнесени од Комисијата. Во спротивно, Комисијата може да одлучи да им испрати образложено мислење и во понатамошен чекор да ги упати до Судот на правдата на Европската унија,“ беше посочено во соопштението на Комисијата од 15 јули.