Тензиите меѓу Унгарија и нејзиниот сосед Украина повторно се зголемија денеска, откако унгарскиот премиер Виктор Орбан со еден збор ги „потопи“ надежите на Украина дека може да биде членка на НАТО.

– Што?!- напиша премиерот Обран во објава на Твитер одговарајќи на денешната изјава на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Киев дека „на Украина местото ѝ е во НАТО“.

Односите меѓу Будимпешта и Киев се напнати. Унгарија со години ги блокира седниците на НАТО на високо ниво со украинските претставници, наводно поради загриженоста за правата на унгарското малцинство во западна Украина.

И покрај тоа што ја осуди руската инвазија во целосен обем, Унгарија одби да испрати оружје за да му помогне на својот сосед. Во меѓувреме, високи унгарски функционери продолжуваат редовно да ја посетуваат Москва и одржуваат блиски врски со Кремљ. Во исто време, приклучувањето на Унгарија со Турција во блокирањето на кандидатурата на Шведска за НАТО ги фрустрира западните престолнини.