Унгарскиот премиер Виктор Орбан негираше дека е расист, но ги повтори своите антигеј ставови во говорот на конференцијата на американските конзервативци во Тексас, на која утре ќе се обрати и Доналд Трамп.
Орбан е една од најголемите ѕвезди на конференцијата во Далас.
– Христијански политичар не може да биде расист. Оние кои ме сметаат за расист или антисемитист се идиоти, рече Орбан.
Во говорот „Како се бориме“, тој ги исмеваше медиумите во Европа и Америка и им порача на присутните дека имаат две години да се подготват, алудирајќи на изборите во САД во 2024.
Орбан ги критикуваше Барак Обама, Џорџ Сорос и глобалистите.
– Мора да ги повратиме институциите во Вашингтон и Брисел. Мора да го координираме движењето на нашите трупи зашто се соочуваме со ист предизвик, порача Орбан.
Тој доби стоечки овации откако го прочита делот од унгарскиот устав во кој стои дека бракот е врска само помеѓу маж и жена.
– Ни требаат помалку дрег кралици, а повеќе Чак Норис, додаде Орбан.
Од Белата куќа кажаа дека Џо Бајден нема намера да се сретне со Орбан, додавајќи дека тој дошол во САД со приватна покана.