Унгарските антикорупциски власти заплениле готовина во вредност од 19,5 милиони долари, закопана во шуми или скриена на други локации, во рамки на истрага против поранешниот министер за национален развој Миклош Шестак во владата на поранешниот премиер Виктор Орбан.
Шестак, кој ја извршуваше функцијата од 2014 до 2018 година, е осомничен за примање мито во случај поврзан со државно транспортно претпријатие и купување половни автобуси по нереално високи цени.
Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот, антикорупциско тело основано по доаѓањето на власт на премиерот Петер Маѓар, соопшти дека изминатите два дена извршила претреси на повеќе локации во рамки на истрагата против Шестак.
„Истражителите пронајдоа големи количества готовина закопана во шуми, скриена во земјоделски објекти и магацини, како и во станбени простории. Дел од парите биле чувани во сефови на изолирани локации“, се наведува во соопштението.
Покрај Шестак, во одделни истраги биле приведени и уште двајца поранешни министри од владите на Орбан, како и братот на поранешниот премиер.
Маѓар, кој во април извојува убедлива победа на парламентарните избори и стави крај на 16-годишното владеење на Орбан, претходно вети дека ќе ги истражи случаите на корупција и злоупотреба на службената положба од периодот на неговиот претходник.
Тој ја оцени најновата заплена како можен пресврт во борбата против корупцијата.
„Ова официјално го означува крајот на мафијата Фидес-КНДП“, изјави Маѓар, мислејќи на поранешната владејачка коалиција предводена од Орбан.
Орбан досега не го коментирал најновиот случај. Претходно, истрагите против неговите блиски соработници ги оцени како „политички прогон“, чија цел е тој да заврши во затвор.




